
Во интервју за МИА, министерот за економија Беким Незири говори за неговите приоритети во раководењето на министерството како и за проектите кои се во тек и оние кои треба да се реализираат.
Неодамна стапивте на новата функција. Кои ќе бидат вашите приоритети како министер за економија?
-Имајќи предвид дека главни приоритети на Владата во овој мандат се економскиот раст и евроинтеграциите, функцијата која ми е доделена ја сметам како привилегија, но истовремено водењето на ресорот економија за мене претставува огромна одговорност.
Мои и приоритети на Министерството за економија ќе бидат економскиот развој на државата, со постојана заложба за подобрување на амбиентот за водење бизнис, привлекување на што е можно повеќе инвестиции, домашни и странски, зголемување на вработеноста преку отворање на нови работни места, зголемување на бројот на туристи во земјава, зголемување на инвестициите во енергетскиот сектор со цел намалување на зависноста од увоз на електрична енергија, инвестиции во рудниците и во сите сегменти кои се во надлежност на ресорот економија.
Овие заложби за создавање поконкурентна економија се преточени во неколку стратешки документи подготвени од Министерството за економија, кои ја драфтираат рамката за поддршка на развојот на бизнис секторот и тоа: Индустриска политика на РМ 2009-2020 како интегриран и проактивен документ за поттикнување на конкурентноста на македонската економија, со пет идентификувани области на делување, Стратегијата за развој на мали и средни претпријатија, Стратегијата за промоција на извоз, Стратегијата за развој на туризмот.
Туризмот во Македонија во последно време бележи значаен напредок. Кои се натамошните чекори што ќе ги преземете за продолжување на трендот и дали планирате да ги проширите субвенциите за тур-операторите?
-Факт е дека туризмот е гранка која има огромна улога во целокупниот економски развој на една држава, па затоа нуди и можности за реализирање на нашата цел – привлекување на нови инвестиции, креирање на работни места и, се разбира, промовирање на културните вредности и природните богатства на Македонија. Креирањето на политики, мерки и конкретни проекти за поддршка на туристичкиот сектор е задача на Министерството за економија, а во насока на туристички развој се и конкретните владини проекти за изградба на модерна инфраструктура и светска промоција на Република Македонија како атрактивна туристичка дестинација.
Благодарение на проектите и мерките превземени од страна на Владата на Република Македонија и Министерството за економија, каде што туризмот е ставен како приоритетна гранка за развивање, бројот на странските туристи во Македонија изминативе осум години двојно е зголемен, а во последните три години имаме просечно зголемување на бројот на вкупните посетители од 5%, но она што е особено важно е што минатата година за првпат бројот на туристи ја надмина бројката од 700.000.
Посебно радува фактот што откако трае процесот на субвенционирање ни се вратија и туристите од соседните земји, па бројот на туристи од соседна Бугарија е зголемен за 27 отсто, од Грција за 63 отсто, а од Турција дури за 150 отсто. Од европските земји имаме постојан пораст на бројот туристи од Холандија, Финска и Полска.
Што се однесува до инвестициите во туризмот, минатата година се вложиле 2,1 проценти од вкупните инвестиции во земјава, а за годинава се очекува растот на инвестициите во однос на 2013 година да биде поголем за 13,9 проценти. Значи, субвенционирањето на странскиот организиран туристички промет и субвенционирањето на авио летовите на ниско буџетните компании се покажаа како добри мерки, при што на нив не треба да се гледа изолирано од другите мерки што се насочени кон промоција и поддршка на туризмот.
Идниот развој на овој важен сектор ќе се темели на понуда дефинирана според компаративните предности на Македонија, пред се во делот на еко-туризмот, културниот, езерскиот, зимскиот, спортскиот туризам, но и ловниот, конгресниот, бањскиот, археолошкиот, селскиот, планинскиот и други видови алтернативен туризам, кои се атрактивни за туристите кои ја посетуваат нашата земја.
Има ли интерес за добивање нови концесии во рударството и колку сте задоволни од состојбата во оваа гранка?
-Да, интересот кај домашните и странските компании за доделување на концесии за вршење на детални геолошки истражувања и концесии за експлоатација на минерални суровини е голем, уште повеќе по поедноставувањето и забрзувањето на процедурата пропишана во Законот за минерални суровини. Да потсетам, сега доделувањето на концесиите е по електронски пат, што значи истите се доделуват брзо и на максимално транспарентен начин.
Во последните години во Република Македонија имаме поголемо присуство на странски компании во областа на рударството, со што оваа гранка е во континуиран подем, а зголемените инвестиции во овој сектор, дел реализирани, дел во процес на реализација, овозможуваат развој во рударството во земјава.
Имено, со ставањето во функција на некои рудници кои биле активни во минатото, како и со отворањето на нови рудници во наредниот период, се очекува оваа гранка да даде сериозен придонес во севкупниот развој на економијата во Република Македонија.
Дали се планира да се даваат поголем број субвенции за граѓаните за инсталирање соларни колектори?
-Министерството за економија во неколку наврати во 2007, 2009, 2011, 2012 и 2013 година успешно ја реализираше мерката за субвенционирање на домаќинства за купени и вградени соларни колектори, во износ од 30% од вкупната инвестиција, со што досега вкупно се субвенционирани 2.500 домаќинства, а исплатени се вкупно 36.900.000 денари од Буџетот на Република Македонија. За спроведување на оваа мерка и во 2014 година, Министерството за економија во рамките на својот буџет обезбеди 6.000.000 денари. Имајќи ги предвид позитивните ефекти од оваа активност, кои се од енергетски, економски и еколошки аспект, Министерството за економија планира оваа активност да ја продолжи и во наредниот период за што ќе предложи во Буџетот на РМ за 2015 година зголемување на средствата за оваа намена.
Значи од една страна, станува збор за мерка која придонесува за големи заштеди во домаќинствата или, според проценките, со воведување на соларен термален колектор во својот дом годишно едно домаќинство заштедува околу 2.400 киловат часови (за користење од околу 8 месеци), односно 8.400 денари. Односно, доколку сите домаќинства во Републиката (околу 600.000) инсталираат соларен термален колектор во својот дом годишно ќе се заштедат 144.000 мегават часови, односно 5.040.000.000 денари (5 милијарди и 40 милиони денари).
Од друга страна, од аспект на нашите надлежности како Министерство за економија, поголемото вклучување на обновливите извори на енергија во енергетската потрошувачка е една од нашите главни приоритетни цели. За таа цел Владата на Република Македонија во изминатиот период ја донесе Стратегијата за искористување на обновливите извори на енергија до 2030 година, согласно која процентуалното учество на обновливите извори на енергија до 2020 година во Републиката треба да изнесува 21%. Со цел за регулирање на искористувањето на обновливите извори на енергија, во изминатиот период донесен е Законот за енергетика, како и пакет на подзаконската регулатива од областа на обновливите извори на енергија.
Што планирате да направите за подобрување на конкурентноста на домашните компании?
-Секоја година се изготвува и реализира Програма за конкурентност, претприемништво и иновации која содржи неколку мерки кои имаат за цел подобрување на конкурентноста на компаниите, а меѓу нив поддршка на занаетчиството, за сертификација на системи за квалитет, финансиска поддршка за воведување на ХАЦЦП (НАССР), поддршка за воведување на ХАЛАЛ систем, мерка за која буџетот е петкратно зголемен и низа други мерки.
Конкретно, мерките кои ги спроведува Министерството за економија се насочени кон подобрување на бизнис климата и зголемување на конкурентноста на националната економија, преку зголемување на конкурентноста кај малите и средните претпријатија, како двигатели на развојот. Во овие мерки ќе се инкорпорират и најдобрите искуства на многу европски земји и препораките на Светската банка и меѓународните финансиски институции.
Моите заложби, како министер за економија, во наредниот период ќе бидат насочени кон создавање на услови и конкретни мерки за подобрување на конкурентноста на домашните компании особено преку Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво.
Планирате ли некои чекори за зголемување на трговијата со странство и дали воведувањето на ХАЛАЛ стандардот ќе помогне за пробив на македонските компании на пазарите на Блискиот Исток и МАГРЕБ?
-Како што споменав, тоа е и ќе остане еден од нашите главни приоритети. Така, зголемената финансиската поддршка за имплементирање на ХАЛАЛ стандардот е во насока на настапување на нови пазари, особено на светскиот ХАЛАЛ пазар, кој се проценува на 650 милијарди долари годишно, а само европскиот над 66 милијарди долари. Овие податоци го прават ХАЛАЛ-пазарот најбрзо растечки пазар. Досегашната стапка на пораст изнесува 40%, а се предвидува пораст од 50% на годишно ниво. Затоа овој пазар ни е потребен, и нашите компании треба да го заземат своето место таму.
Ги споменувате Блискиот Исток и МАГРЕБ, да, тие се примарни, но ако ги гледаме статистиките, само во земјите од Западна Европа две третини од консументите на ХАЛАЛ производите не се муслимани, а за нив овој стандард е синоним на „здрава храна“, па во светски рамки над 80 отсто од трговијата со ХАЛАЛ производи ја прават немуслимански земји од Запад и Исток кои, користејќи го ХАЛАЛ стандардот, станаа најголеми извозници на овие производи.
Во последно време обемот на трговската размена меѓу Македонија и Косово бележи значително намалување. Кои се причините за тоа и што се презема за задржување на пазарот на кој Македонија бележеше значаен суфицит?
-Да, за жал трговската размена со Република Косово во изминатите три години има континуиран пад, кој се должи на падот на извозот кој во 2011 година достигаше 540 милиони американски долари, во 2012 година падна на 392 милиони американски долари, а минатата година достигна само 276 милиони долари. Слична е состојбата и оваа година, при што извозот во првите пет месеци изнесува околу 90 милиони долари, наспроти 111 милиони во првите пет месеци од 2013 година.
Морам да истакнам дека падот на извозот во целиот период се должи исклучиво на падот на извозот на нафтени деривати, заради промената на деловната политика на ОКТА, додека извозот на останатите производи се задржува релативно на исто ниво. Ако во 2011 година извозот на нафтени деривати изнесуваше 294 милиони долари, во 2013 година тој извоз падна на 68 милиони долари.
Ние како Министерство во рамките на ЦЕФТА продолжуваме со активностите за олеснување на трговијата со Косово, но и со сите земји во регионот.
МИА