
По двете разболени лица од бактеријата листерија во Неготино, од кои едното почина, жителите н овој град се вознемирени.
– Се случува луѓе да си го враќаат филмот во главата за тоа што јаделе додека биле на одмор во туристичко место во Македонија и која била фирмата на сувомесното што го купиле таму. А деновиве во месарница сретнав сограѓанин кој инсистираше на фискална кај продавачката за семејството да покаже што јадел ако му се случи нешто. Богами голем е бројот на оние што водат евиденција што с` јаделе и од каде го купиле – вели неготинка за „Дневник“.
Некои, пак, превенцијата ја гледаат во белите мантили. Бараат антибиотик како превентива.
– Некои од луѓето живеат во грч, се зголемува бројот на пациенти што доаѓаат заради консултации за инфекцијата со бактеријата за која с` повеќе слушаат во последно време. Најмногу се интересираат за тоа како еден човек може да се инфицира и кои се симптомите кои се карактеристични кај инфицираните од оваа бактерија. На интернет прочитале дека антибиотикот земен превентивно може да ги спаси од болеста, па инсистираат на превентивна терапија – вели д-р Грков за „Дневник“.