
Апелацискиот суд во Штип ја потврди казната од три години затвор за поранешниот претседател на Управниот одбор на АД „Џумајлија“, Слободан Даневски.
Во пресудата која денеска ја добија оштетените акционери и нивниот бранител Панче Докузов се вели дека фирмата на Даневски, кој е во бегство, но и неговиот брат, поранешниот градоначалник на Свети Николе, на државата треба да ѝ врати околу 11 милиони денари.
Акционерите на Џумајлија на оваа пресуда за злоупотреба на службената положба чекале, како што изјавија, цели 12 години. Сепак, се разочарани бидејќи во неа е изоставено нивното обесштетување. Најавија дека ќе продолжат да ја барат правдата на повисоките судови во земјава и во Стразбур.
– Акциониерите се оштетени и требаше да бидат обесштетени лично од Слободан Даневски. Во пресудата гледам дека се опфатени боновите од Министерството, брашното 970.000, потоа 960.000 денари земени пари од касата од Слободан Даневски. Што е проблемот, не знам, треба да видиме со обвинителството – рече Трајче Георгиев, еден од оштетените акционери.
Бранителот на акционерите Панче Докузов е задоволен од пресудата иако забележува дека наплатата на парите тешко ќе оди зашто Зоран Даневски е во бегство. За Докузов, случајот е прав школски пример за кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Во штипскиот и светиниколскиот Основен суд се водат неколку дела против браќата Даневски.