АНАЛИЗА: Украина испрати силна порака до Русија

Украинскиот напад врз наводната колона руска воена техника испрати до Москва  една силна и остра порака. Украинската армија е посамоуверена при заштита на сопствената територија, а една широкоопфатна руска инвазија може само да стане долготрајна и крвава, пишува „Ју-Ес-Еј Тудеј“.
Иако и во минатото американскиот Стејт Департмент, НАТО и ОБСЕ алармираа за воени конвои, кои влегуваат од Русија во Украина, ова е прв пат Киев да нападне еден таков конвој, веднаш откако тој влегол на украинска територија, покажувајќи досега невидена дрскост.

– Неможам да се сетам дека Украинците пукале по колона која влегува од Русија, рекол Јан Бжезински, американски помошник потсекретар за одбрана за Европа и за НАТО, во администрацијата на Џорџ Буш.

Тој додал дека „тоа покажува оти армијата почнува да се исправува на нозе“.

Западни новинари, меѓу кои и репортер на британскиот весник „Гардијан“, тврдат дека виделе како конвојот влегува во Украина од Русија, преку дупка во ограда од бодликава жица. Според нив, тие налетале на конвојот додека ја следеле колоната руска хуманитарна помош за Украина.

Во февруари, годинава, Русија го присови од Украина, Кримскиот полуостров. Тоа се случи без никаков отпор. Оттогаш украинската армија прерасна во една значителна воена сила, што се гледа од нападот врз воениот конвој и од скорешните борбени успеси против проруските сепаратисти во неколку градови на истокот од земјата.

– Ако рускиот претседател Владимир Путин планира да почне војна со Украина, ризикува долгорочни последици и човечки загуби, посочил Бжезински.

Украинската армија не може да се рамни со руската, но предноста која е на нејзина страна е страста за заштита на сопствената територија. Дури и Украинците од истокот на земјата не се согласуваат со вооружениот конфликт.

– Сега Русија знае дека нема да може така едноставно да влезе во источна Украина и да ја ја припои, како што направи со Крим. Украинците ќе продолжат да се борат, смета Бжезински.

Мајкл Мекфол, поранешен амбасадор на САД во Москва, кој на функција беше до февруари, годинава, на социјалната мрежа „Твитер“ напиша дека ако украинските сили навистина уништиле конвој на редовната руска армија, тогаш „тоа би било голема ескалација на конфликтот“.

Демјан Вилсон, кој бил ангажиран како ескперт за Русија и за Украина од американските претседатели Бил Клинтон и Џорџ Буш, рекол дека Путин се обидува да сее забуни, со неговите постојани негирања дека Русија стои зад конфликтот во источна Украина.

– Неговите бунтовници се во беда и тој треба под итно да направи нешто. Украинската армија ги опколи и ги држи под опсада источните градови во Доњецката и во Луганската област – последните останати бастиони на сепаратистите, каде нивните борци се обидуваат да се скријат меѓу цивилното население. Украина почна да дејствува постепено, со цел да го ограничи бројот на цивилните жртви, применувајќи метод на „бавно затегање на обрачот“, со надеж дека сепаратистите на крајот ќе прифатат дека загубиле, тврди тој.