
Центарот за јавно здравје (ЦЈЗ) информира дека во последните 10 дена на територијата на Скопје се регистрирани 21 случај на лица заразени со жолтица, со што вкупната бројка на заразени се искачи на 66.
Најголем број од заболените се во Шуто Оризари 21, во Карпош 8, Чаир 6, Центар 7, Кисела Вода 5, Гази Баба 3, Аеродром 9, Илинден 2, Ѓорче Петров 3, Бутел 2 случаи.
По направената анализа денеска во Скопје е пријавена епидемија на заразна жолтица заради зголемениот број на пријавени во периодот јули-август.
Од извршените увиди, ЦЈЗ информира дека во четири семејства има заболено и по два члена, од кои две семејства се од Шуто Оризари, а и по едно од Карпош и Аеродром. Во едно семејство од Шуто Оризари, заболени од жолтица се дури три члена. Останатите случаи, според ЦЈЗ се епидемиолошки неповрзани.
Оттаму додаваат дека зголеменоста на бројот на заразени можно е да се должи на интензивните дождови, собирање на атмосферската вода и делумно излевање на канализационата мрежа во општините каде се појавени повеќето случаи. Но, независно од местото на живеење, зголемениот број случаи може да се должи и на недоволно оддржување на лична хигиена, како не доволно миење раце и несоодветно миење на свежо овошје и зеленчук пред конзумација.
Според возраста, од 2 до 14 години има 23 случаи, од 16-25 години и од 29-40 години по 19 случаи, а од 48 до 55 години има само 5 регистрирани случаи.
Од вкупниот број на заразени, 40 лица се лекувале на Клиниката за инфективни болести и фебрални состојби и Инфективното одделение во ГОБ 8-ми Септември, а во моментов во Клиниката хоспитализирани се 15 лица, кои се во добра здравствена состојба.