„Јане Сандански“ во полн сјај пред отворање во среда

Покрај спортскиот центар „Борис Трајковски“, Скопје доби уште еден модерен спортски комплекс. Свеченото отворање на новиот спортски центар „Јане Сандански“ и хотелот „Русија“ ќе се случи во среда, пишува Курир.

Ќе биде пуштена во употреба арената, односно централната сала со капацитет од 6.500 посетители, како и хотелот „Русија“. Потоа ќе се отвори помошната спортска сала за кошарка и ракомет со капацитет од 1.500 посетители, како и конгресниот центар.

Дополнителните спортски капацитети планирани се да бидат пуштени во употреба до крајот на годинава, а тоа се тениски игралишта, фитнес и аеробик центар.

На западната страна од спортскиот центар има обезбедено место каде ќе се продаваат спортска опрема и реквизити, а планирана е и игротека.

Во процесот на изградба на спортскиот центар учествуваа над 60 македонски компании, 5 странски, како и околу 1600 работници, а целиот проект беше завршен за 16 месеци.

Хотелот „Русија“ ќе располага со 61 соба и апартмани, од кои еден претседателски апартман, шест „супериор“, 28 еднокреветни соби, 12 „твин“ и 14 „дабл“ соби. Воедно хотелот ќе содржи спа центар и руф бар.

Целиот проект е изграден со јавно приватно партнерство на компанијата на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко и општина Аеродром.