Одложен мечот Кличко-Пулев

Бугарскиот професионален боксер, Кубрат Пулев, денеска не го криеше своето разочарување поради откажувањето на мечот со светскиот шампион во тешка категорија, Владимир Кличко. Украинецот се пожали на повреда на бицепсот на левата рака и поради тоа неговите менаџери го одложија долго очекуваниот дуел.

„Бог гледа и не заборава! Јас имам чиста совест и се обидувам да го задржам спокојството. Немав трпение да дојде мечот, но сега ќе стиснам заби, затоа што не постои сила која ќе ме спречи да го направам она што сум го започнал“, изјавил Пулев за бугарските медиуми.

Засега не е официјално потврдено кога ќе се одржи мечот кој беше закажан за 6. септември во Хамбург, а се шпекулира со датумот 15. ноември.