Ќе се враќа камп-туризмот во Дојран

Враќањето на кампинг туризмот ќе биде еден од приоритетите на општина Дојран во настојувањата да се врати како препознатлива туристичка дестинација од времето кога покрај езерото ги имаше познатите кампинзи „Мрдаја“ и  „Ачикот“, пишува МИА.

Градоначалникот на Дојран, Борче Стамов вели дека општината интензивно работи на овозможување на камперскиот туризам, затоа што поранешните камперски места се нефункционални и во голем дел приватизирани.

– Денес не функционира вистински камп од причина што локациите на поранешните кампови или се приватизирани или испреплетени во имотно-правни спорови. Како локална власт ги разгледавме можностите и веќе почнавме со подготовки на нови локации за камп населби кои ќе им бидат понудени на заинтересирани инвеститори – вели Стамов.