
Предлог законот за изменување и дополнување на законот за биомедицинско потпомогнато оплодување, со кој се воведува можноста за сурогат мајчинство, е усвоен од Владата и доставен до Собранието, информираше денеска министерот за здравство Никола Тодоров.
-Веруваме дека предлог законот претставува баланс помеѓу користа за семејствата и општеството во целина од раѓање на деца преку примена на постапки за биомедицинско потпомогнато оплодување од една страна и од друга страна здравствената и етичката загриженост поради појавување на опасноста од трговија со репродуктивната способност на жените и нивна експлоатација за комерцијални цели што доведе до потребата од воведување на забрана за ваков вид на злоупотреби, посочи Тодоров.
Сите сугестии и забелешки од јавните дискусии, се земени во предвид и разгледани при изготвувањето на Предлог законот. Овој концепт на сурогат мајчинство е веќе воведен и успешно функционира во Англија, САД, Холадија, Белгија, Русија, Канада и други земји.
– Ја анализиравме опасноста во светски рамки жените за пари да се претвораат во инкубатори кои раѓаат деца за богати парови. Затоа ја ограничивме употребата на овој закон само на државјани на Република Македонија. Бевме загрижени дека доколку се дозволи сурогат мајчинството, следниот чекор би бил дозволување на ектогенеза (раѓање на дете во инкубатор), што можеби ќе биде медицински можно во наредните 10, а можеби и повеќе години. Се запрашавме дали е тоа патот по кој треба да оди човештвото? Затоа воведовме кривично дело, според кое со казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор ќе се казни тој што надвор од телото на жена „одгледува“ ембрион или фетус заради раѓање на дете (ектогенеза). Дискутиравме дали е оправдано овој вид на интервенирање на медицината со цел реализирање на родителската улога на оние кои не можат да ја реализираат по природен пат, а особено внимание во нашите дискусии посветивме на врската/соодносот помеѓу новите репродуктивни технологии и неопходните граници во нивната примена од аспект на родителското право и од аспект на човечкиот род генерално, додаде министерот.
Тодоров потенцираше дека во предлог законот се употребува терминот „гестациски носител“ наместо „сурогат мајка“ по примерот на повеќе други држави, со цел да не се нарекува „мајка“ жената која родила дете за друг.
Клучни аргументи ЗА сурогат мајчинството кои произлегоа од дебатата:
1.Тешка е судбината на семејствата што немаат деца, затоа треба да им се помогне. Секој предлог за зголемување на шансите некој да стане родител заслужува сериозно внимание и од здравствените власти и од јавноста. Оние парови кои не можат да имаат потомство знаат што значи да се отвори пат да им се оствари родителството.
2.Во минатото единствен излез беше посвојувањето на дете што и понатаму останува најчесто применувано решение. Но, посвојувањето деца станува сé потешко, а некои двојки би претпочитале да најдат сурогат мајка како би можело нивното дете да ги наследи барем гените на таткото.
3.Околу веќе востановените процедури како вештачко оплодување од донор, ин витро оплодување, трансфер на ембриони, замрзнување на ембриони, некогаш се кршеа копја за денес да станат инструмент кој помага во давањето живот.
4.Сурогат мајчинството може да биде единствен излез од ситуација на невозможност да се има свое генетски поврзано дете кога жената не е во можност да го носи бебето, односно да ја издржи бременоста. Токму поради тоа, намерата на сурогат мајката е да го замени тој процес само во периодот на бременост.
5.Сурогат мајчинство им овозможува на брачните двојки кои немаат деца, а кои не можат поради медицински причини да го користат вештачкото оплодување или ин витро оплодувањето, да добијат дете кое е генетски поврзано со едниот или двајцата свои родители.
6.Од двата вида на сурогат мајчинство, единствено гестациското сурогатство нуди можност жената со намера да биде мајка да биде исто така и генетски поврзана со детето, кое меѓутоа нема да го помине преднаталниот период во нејзиниот утерус.
7.Гестационото сурогатство е еден од начините да се добијат целосно генетски поврзани деца.
Во таа смисла, со предлог законот се воведува гестациско сурогатство, според кое мајка на детето и носител на родителските права е жената која ја донирала јајце-клетката (генетска мајка), која истовремено е и жената која потпишува договор со гестацискиот носител (социјална мајка).
За споредба, кога станува збор за традиционално сурогат мајчинство, можно е детето да има три мајки: жената која ја донирала јајце-клетката (генетска мајка), жената која се јавува како сурогат мајка и која го раѓа детето (биолошка мајка), и жената (социјалната мајка) која потпишува договор со сурогат мајката, по што сурогат мајката се откажува од нејзините родителски права.
Имајќи предвид дека постојат два вида на сурогат мајчинство – алтруистичко и комерцијално, нашиот концепт го втемеливме на алтруистичко сурогат мајчинство, со изречна забрана за комерцијално сурогат мајчинство.
-Концептот се темели на алтруистичко сурогат мајчинство, кое предвидува исплаќање на определени трошоци на сурогат мајката. Во таа смисла, како материјални трошоци (кои што единствено се дозволени) се сметаат трошоците на гестацискиот носител за водење уреден живот, правилна исхрана и примање додатоци на исхраната потребни за одржување на бременоста, вежбање и психофизичка подготовка. Материјалните трошоци ги надоместува брачната двојка и истите на месечно ниво не можат да го надминат износот од една просечна плата исплатена во стопанството во РМ во претходната година (објавена од Државниот завод за статистика). За направените материјални трошоци, брачната двојка еднаш месечно го известува Министерството за здравство, со доставување на увид оригинални докази од направените материјални трошоци, подвлече Тодоров.
Предвидено е и кривично дело според кое ќе се казни со затвор од 6 месеци до 5 години секој кој ќе бара или земе, односно понуди или даде паричен надоместок (пари, хартии од вредност, недвижен и/или подвижен имот, злато и/или други благородни метали или друга материјална корист) како паричен надоместок за спроведување на постапка на БПО со гестациски носител спротивно на забраната за земање на паричен надоместок за спроведување на постапка на БПО.
Исто така, брачната двојка не смее на гестацискиот носител да и даде подароци во вредност повисока од 100 евра во денарска противвредност сметано за целиот тек на постапката на БПО со гестациски носител и по породувањето.
Заради заштита на идентитетот на гестацискиот носител, брачната двојка и детето, односно детето родено од постапка на БПО со гестациски носител, предвидено е кривично дело според кое ќе се казни со затвор од три месеци до една година тој што ги изнесува или ги пронесува нивните лични, медицински и генетски податоци, а ако делото е сторено преку печат, радио, телевизија или со други средства за јавно информирање или на јавен собир, сторителот ќе се казни со парична казна или со затвор до три години.
-Во однос на законското уредување на правата и обврските на гестацискиот носител, утврдивме дека „гестациски носител“ е жена на возраст помеѓу 25 години и 50 години живот, мајка на најмалку едно дете, психо-физички здрава, која носи ембрион или фетус кој бил зачнат со постапка на биомедицинско потпомогнато оплодување и кој е добиен со спојување на јајце клетка и сперматозоиди на жена и маж кои се во брак и која ќе го предаде на брачната двојка детето по неговото раѓање, додаде министерот.
Гестациски носител може да биде жена која ги исполнува следните услови:
-да биде државјанин на Република Македонија;
-да биде во добра психофизичка и општа здравствена состојба;
-да биде на возраст помеѓу 25 години и 50 години живот
-мајка на најмалку едно дете во моментот на започнување на постапката на БПО.
-да не и е одземено или ограничено родителското право,
-да не и е изречена казна за сторено кривично дело со ефективна казна затвор во траење од над шест месеца:
-да не и е ограничена или одземена деловната способност;
-да не е душевно болно или лице со пречки во интелектуалниот развој;
-да не е зависник од дрога или други психотропни супстанции или алкохол, и
-да нема тешко хронично заболување или да не е болна од неизлечива заразна болест.
Гестацискиот носител има право да роди за друг само едно живо дете. Право да поведат постапка на БПО со гестациски носител имаат маж и жена кои се во брак и се државјани на Република Македонија, а причината за барање на сурогација може да биде:
-жената од брачната двојка има вродено стекнато отсуство на матката или вродена аномалија на матката која не може да се корегира со модерни хируршки процедури според медицина базирана на докази или некоректибилни оштетувања на матката како последица од неадекватно лекувани инфекции и нестручно изведени хируршки процедури и киретажи.
-најмалку три неуспешни бремености на жената од брачната двојка, кога како причина за неуспехот се исклучени сите останати причини и фактори, освен оштетувања на матката.
Една брачна двојка има право да бара поведување на две постапки на БПО со гестациски носител кои успешно ќе завршат со раѓање на по едно живо дете од секоја постапка.
Брачната двојка има обврска да го преземе детето и доколку детето е родено со попреченост поради која има посебни потреби, а која не била откриена во текот на бременоста со стандардни медицински процедури.
Министерството за здравство води евиденција на жените кои ги исполнуваат условите за гестациски носител, и евиденција на брачните двојки кои бараат оплодување со внесување на нивен сопствен ембрион во матката на жена- гестациски носител.
Пред спроведување на постапката на внесување на ембрионот во матката на жената гестациски носител, задолжително е претходно заедничко психолошко советување на брачната двојка и на потенцијалниот гестациски носител во времетраење од три месеци, при што ќе се одржуваат најмалку две средби месечно, како и задолжително правно советување на двете страни. За таа цел, ќе биде изработен и објавен Национален водич за психолошко и правно советување на брачната двојка и на потенцијалниот гестациски носител за оваа постапка.
-Како што нагласував досега во рамки на јавните дискусии, овој концепт никако не смее да се перцепира како бизнис, туку како чин на хуманост. Верувам дека откако темелно го разгледавме предлог законот со сите засегнати страни, и откако добивме значаен придонес од стручната јавност, успеавме да утврдиме концепт кој е полезен за нашето општество, заврши министерот Тодоров.