Со доградбата на новиот објект каде ќе биде сместено Министерството за финансии ќе биде надминат проблемот што се јавуваше поради користењето различни локации во кои беше сместено, што го отежнуваше нормалното и ефикасно функционирање, велат од Министерството.
Воедно, стои во соопштението, ваквиот потфат трајно го реши деценискиот проблем од недостиг на просторни услови за работа, а државата со неговата изградба заштеди значителни средства за закупнина на објектите во кои функционираше Министерството.
Објектот е распространет на 14.000 метри квадратни , има 11 нивоа и е еден од најсовремените во регионот. Вградени се најсовремени материјали за изолација, независен систем на затоплување и ладење со клима комори и стакло со високосоларен коефициент на трансмисија.
Зградата спаѓа во групата СМАРТ згради – насочена кон заштеда на енергија и заштита на околината. Во неа е сместен и современ прес-центар, како и конференциска сала каде ќе се одржуваат конференции, состаноци и дебати меѓу стручни лица за соодветни намени. Изградена е и најсовремена компјутерска систем сала, направена по најстроги стандарди, која ќе овозможи непречено и стабилно функционирање на целокупниот компјутерски систем на оваа институција, а пред сè на Трезорот и Буџетот како витални сектори на Министерството за финансии и на платниот промет во државата.