
Одложена продажбата на ФК Пелистер за одредено време и точката за негова продажба е вратена на дообработка на Комисијата за млади и спорт. Вака денеска битолските советници одлучија по предлог на градоначалникот Владимир Талески.
„ Имам еден предлог бидејќи има интересни моменти посебно кај финансискиот дел, да ја вратиме точката на разгледување до Комисијата за млади и спорт. Мислам дека не треба само финансискиот аспект да се гледа, туку пред се најважно е континуитетот што ќе се обезбеди од неколку години на ФК Пелистер и се разбира сигурната финансиска поддршка за да можи онај кој ќе влези во клубот реално да планира со кој фудбалери и со која екипа долгорочно ќе работи. Претстојат важни утакмици за време на викендот и ги замолувам сите луѓе кои што се заинтересирани и кои што се дел од управата да не го злоупотребуваат моментот додека не се донесе конечна одлука. Како потврда на тоа општината 100 % стој зад сите работи кои што сме ги кажале и ветиле кон фудбалерите“, изјави д-р Владимир Талески градоначалник на Општина Битола
Опозицијата е спремна да ја поддржи одлуката доколку е во интерес на сите инволвирани субјекти
„ Ми е драго бидејќи опозицијата имаше огромна дискусија за оваа проблематика и создаде услови да го доживееме денес овој момент да почекаме и се надевам дека во иднина ќе го најдеме правото решение за ФК Пелистер. Опзицијата е спремна да поддржи понуда која навистина ќе го реши проблемот“, изјави Наташа Петровска, советник СДСМ
Во Комисијата за млади и спорт, претседателот на совет Ангелевска рече дека има и претставници од опозицијата
„ Дали ќе се земет во предвид предлозите, забелешките и сугестиите на опозицијата која што ги има во врска со оваа точка во Комисијата за млади и спорт? “, праша Горан Козаров советник од СДСМ
Според кажаното на денешната седница на совет за ФК Пелистер имало и нови заинтересирани субјекти
„ Не треба да се донесе ниту една пребрзана одлука, кога веќе толку долго не сме ја имале дефинитивната. Мислам дека неколку дена нема да бидат проблем и затоа сакам да ве замолам оваа точка да се врати на Комисијата за млади и спорт, да се доразгледа, да се видат сите аспекти, истата да се модифицира. Јас на Комисијата ќе им дадам и дел од она што го имам како писмена понуда во оваа фаза, а денеска добив и нова понуда“, додаде д-р Владимир Талевски, градоначалник на Општина Битола
Инаку понуди за купување на ФК Пелистер досега поднесоа кипарскиот бизнисмен Гаврил Папанастатос и фирмата „Цермат“ од Битола.