ССК: Отпочнати преговори за нови инвестиции во Македонија

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК), заедно со Агенцијата за странски инвестиции на Република Македонија од 29 август до 7 септември годинава, учествуваат на 83 -от Интернационален Саем во Измир, Турција.

Четириесет компании членови на ССК, од повеќе сектори како индустрија, градежништво, агро-бизнис, транспорт, туризам, консалтинг, шпедиција, текстилно производство, се претставуваат на саемската манифестација. Саемот во Измир е еден од најстарите саеми во Турција кој традиционално се одржува веќе 83 години и претставува водечки интернационален настан во оваа земја, кој покрива повеќе сектори.

Делегацијата на ССК, предводена од претседателот на ССК, г-ѓа Данела Арсовска на овој интернационален настан ќе оствари бизнис средби и потенцијални бизнис партнерства, како и запознавање со претседатели и извршни директори на најголемите компании од Турција и светот.

„Остваривме средби кои ќе резултираат со извоз на македонските компании на турскиот пазар, но исто така отпочнати се преговори за заеднички вложувања и инвестиции од турски компании во Македонија и тоа во агро секторот, прехрамбената индустрија како и текстилната индустрија. Во следните денови предвидени се средби и потпишување на Меморандуми за соработка со водечките бизнис организации во Турција“, изјави Арсовска.

Последните неколку години главни сектори кои се промовирани на овој саем се прехранбената индустрија, технологија, автомобилски компоненти, мебел, апарати за домаќинство, бела техника, градежна механизација, земјоделска механизација, електроника, ИКТ итн. На саемот ќе се претстават над 1000 изложувачи од целиот свет.