
Компании од областа на градежниот сектор од НР Кина и Република Македонија денеска одржаа средба во Стопанската комора на Македонија. Стопанската делегација од Далечниот Исток ја предводеше Чи Чангаи, претседател на Асоцијацијата за градежништво во Кина, а пред присутните претставници на значајни градежни компании од двете земји се обрати м-р Елена Милевска Штрбевска, оперативен директор на Стопанската комора на Македонија. Пренесувањето на искуството стекнато на големи проекти во НР Кина од страна на кинеските компании ќе биде добредојдено за македонските градежни компании. Долгогодишното градителско искуство на просторите во нашата земја и во странство едновремено се очекува да биде предизвик и за заедничка соработка на веќе отпочнати проекти во земјата, но и на други кои се најавуваат, – беше оценето во Стопанската комора на Македонија.
-Градежништвото во Република Македонија, во последните неколку години има тренд на зголемување на активностите. Неговото учеството во БДП на земјава постојано се зголемува (2010 година – 5,6%, 2011 година – 6,5%, 2012 година – 6,8% и 2013 година – околу 7,0% ). Ова учество го остваруваат 4.322 компании со околу 45.000 вработени. Градежните компании учествуваат со околу 6,1% во вкупно активните компании во државата. Од страна на Владата на РМ, обезбедени се средства и почнати се поголеми инвестициони зафати во изградба на автопатиштата: Коридорот 10, на делницата Демир Капија – Смоквица, автопатите од Миладиновци кон Штип, од Кичево кон Охрид, потоапроширување на патот Велес – Кадирфаково, од две на 4 ленти, како и реконструкција на автопатот Велес – Скопје. Вкупната вредност на овие инвестиции изнесува околу 860 милиони евра. Пократ тоа, се планира доизградба на железничката пруга кон Бугарија, на низа објекти во здраството во Клиничкиот центар во Скопје, и слично, – истакна м-р Елена Милевска Штрбевска, оперативен директор на Стопанската комора на Македонија, претставувајќи го градежниот сектор во земјава.
Чи Чангаи пред присутните подвлече дека потпишаниот Договор за соработка во градежништвото меѓу двете земји, треба да претставува предизвик за компаниите, со цел создавање и на повисоки форми на соработка.
Вкупната трговска размена на Република Македонија со НР Кина во првите шест месeци од 2014 година достигна вредност од 237,4 милиони САД$, што претставува пораст од 0,62 % во однос на истиот период од 2013 година.
При тоа, остварен е извоз во вредност од 27 милиони САД$ или пад од 42,3%, додека увозното салдо изнесува 210 милиони САД$, или зголемување од 11,2% споредбено со истиот период од 2013 година.
Евидентиран е негативен биланс на страна на Република Македонија во трговската размена од 183 милиони САД$.
Во вкупната надворешно-трговска размена, НР Кина е седми трговски партнер на Република Македонија во периодот јануари-јуни 2014-2013 година.
Податоците покажуваат дека дури 11 милијарди евра вложила Кина во балканските држави само во 2010 година. Од најважните инвестиции, три милијарди евра се потрошени за концесија и модернизација на пристаништето во Пиреј во Грција, 200 милиони евра за изградба на мост преку реката Дунав во Србија, стотици милиони евра се искористени за изградба на енергетски и инфраструктурни објекти, фабрики, трговски центри, хотели во речиси сите земји во регионот.
На Самитот на шефовите на влади на земјите од Централна и Источна Европа и НР Кина, што се одржа во Букурешт на 5.12.2013 година, Република Македонија и НР Кина потпишаа Договор за економска и техничка соработка во областа на инфраструктурата. Претставници на Владата на Република Македонија и кинеската компанија „Синохидро“ потпишаа договори за изградба на автопатските делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид, со што се создадоа предуслови за реализирање на клучни проекти од областа на инфраструктурата, не само за Република Македонија, но и за целиот регион.
Претставниците на компаниите од двете земји на средбата во Стопанската комора на Македонија, поодделно се претставија, разменија контакти. Забележливо беше дека и дел од компаниите веќе меѓусебно се познаваат и имаат остварено соработка и работат на инфраструктуните проекти кои се почнати со градба во Република Македонија.
Претседателот на Асоцијација за градежништво во НР Кина, ја искористи средбата, официјално да ги покани македонските компании на Меѓународниот форум за градежништво и инфраструктурни инвестиции што ќе се одржи во јуни 2015 годинаво НР Кина.