
По повод одбележувањето на 20 годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Кралството Белгија, денес во просториите на Министерството за надворешни работи, и во соработката со Амбасадата на Кралството Белгија во Софија, се организираше културен настан – изложба на анимирани цртежи од еден од најпознатите белгиски карикатуристи, Марк Слин.
Со пригоден говор изложбата ја отвори министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски. Потенцираше дека во изминатите 20 години македонско-белгиските односи се развиваат врз прицнипот на взаемно почитување, како и дека се поставени темели за сестрана и партнерска соработка на долг рок. Додаде дека во економските релации имаме постигнато висок степен на соработка, а што се рефлектира преку зголемена трговска размена и етаблирањето на производствените капацитети на белгиската инвестиција „Ван Хол“ во Македонија. Заклучи дека е создадена солидна и цврста основа за остварување на подлабока соработка во полза на граѓаните на нашите две држави.
Свое обраќање на настанот имаше и амбасадорката на Кралството Белгија во Република Македонија, со седиште во Софија, Аник ван Калстер. Истакна дека соработката меѓу двете држави во изминатите 20 години од воспоставувањето на дипломатски односи се одвива успешно во мноштво сфери. Порача дека Белгија е цврсто убедена дека иднината на Балканскиот регион, и иднината на Македонија, лежи во Европската Унијa и верува дека прогресот кој ќе го постигнуваме при остварувањето на таа цел ќе ја зајакнува нашата заедничка соработка.
На настанот присуствуваа и претставници на други државни институции, на научната и академската сфера, претставници на дипломатскиот кор, делегација на политички директори од министерствата за надворешни работи на земјите од Бенелукс, како и голем број пријатели на Република Македонија и Кралството Белгија.