ВМРО-ДПМНЕ со реакција за текст објавен во РТВ Словенија

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ упати рекција во врска со текст објавен на РТВ Словенија.

„Туризмот во Република Македонија во последните години забележа значителен пораст. Бројот на туристи во Република Македонија во последните неколку години вртоглаво расте и е дуплиран, при што Скопје стана најпосетен град од туристи. Во Република Македонија во 2006 година бројот на странски туристи во таа година изнесувал 202.357, додека пак во 2013 година бројот на странски туристи изнесувал 399.680 или двојно повеќе.
Секој кој дава оценка за изгледот на Скопје тргнува од сопствениот вкус, а очигледно професорот и некој кој ја правел емисијата имаат вкус кој е различен од новите градби во Скопје. Спротивно од тоа, ако професорот прошетал низ Скопје, можел да забележи голем број на туристи кои со воодушевување им пристапуваат на новите градби и се фотографираат пред нив, без разлика дали се домашни или странски од било кој дел на светот.
Сепак, професорот треба да биде свесен и да знае дека ова што нему не му се допаѓа и незнаеме од кои причини сака да навредува за кои се надеваме не се политички, на многумина и на мнозинството граѓани и туристи многу им се допаѓа. Доколку на професорот не му се допаѓа Скопје, тој не мора да доаѓа бидејќи никој со сила не го тера.
За нас е исклучително важно дека многу повеќе туристи го посетуваат Скопје изминативе неколку години и денес, отколку било кога во историјата на овој град. Трендот на пораст на странските туристи во Скопје ќе биде задржан и во иднина“, се вели во реакцијата.