Училиштето „Златан Сремац“ доби нова просторија за дневен престој

Свечено во употреба денеска беше пуштена новата просторија за дневен престој во Посебното основно училиште „Д-р Златан Сремац“ – Скопје. Оваа просторија беше реконструирана и пренаменета со средствата собрани од четвртиот Меѓународен добротворен базар 2014, кој се одржа на 7 јуни годинава. Тој беше организиран од „Добредојде“ – Македонија Велкам Центар по повод 1 јуни – Меѓународниот ден за заштита на детето, а годинава првпат беше поддржан од Градот Скопје.

За реконструкцијата и пренамената на просторијата во „Д-р Златан Сремац“ со продажба на ракотворби и разни производи на базарот биле собрани 172.000 денари.

Пуштањето во употреба новата просторија за дневен престој беше проследено со настап на децата од ПОУ „Д-р Златан Сремац“, а потоа на децата им беа поделени пакетчиња, подарок од Американската стопанска комора во Македонија.