
Во локалната економска зона Илинден отворен е нов стопански објект на фирмата „Јоки“.
Станува збор за компанија што се занимава со трговија и монтажа на материјали за централно греење, водовод и климатизација.
Новиот објект е на површина од 1.000 метри квадратни, од кои 800 метри се магацински, а 200 метри квадратни изложбен и канцелариски простор.
Вкупната инвестиција е околу 500.000 евра, што овозможи отворање на 10 нови работни места.
Со отворањето на новиот објект на фирмата „Јоки“ продолжи инвестицискиот циклус во Општина Илинден, како една од најатрактивните дестинации за инвеститорите од нашата земја и од странство. Благодарејќи на привлечните локации и поволните услови што Општината им ги нуди на инвеститорите, само во изминатите неколку месеци повеќе фирми го почнаа или проширија својот бизнис во локалните економски зони во Општината.
Во оваа оштина свои објекти имаат компаниите „Белина“ и „Сара фешн“, фирмата „Дени интернационал“ која со години егзистира во општината, го прошири бизнисот со почеток на изградба на нов административно-деловен и магацински простор, компанијата „Гранд експорт“ почна да гради фабрика за кондиторски производи, инвеститорот Мишо Колевски почна да гради фабрика за лифтови и материјали од ПВЦ, а фирмата „Ројал фудс“ го проширува бизнисот во услужните дејности со изградба на нов угостителски објект. Истовремено, во тек е и изградба на уште три станбени згради, чиј инвеститор е Ненад Јаневски.