
Четириесет наслови на аудио записи во рамки на проектот „Зголемување на фондот на аудио книги во Одделението за слепи и слабовидни лица при НУБ „Климент Охридски“ Скопје“, беа промовирани денеска од страна на министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Станува збор за избор на најпознатите приказни од македонски и светски автори, радиодрами на македонски и албански јазик, како и содржини со едукативен карактер наменети за најмладите.
– Овие наслови ќе бидат достапни во НУБ „Климент Охридски“ во Скопје, каде што слепите и слабовидните лица мора да бидат зачленети во Одделението за слепи и слабовидни. Оттука секој заинтересиран ќе може да го добие посакуваниот наслов и преку пошта. Аудио книгите ќе бидат достапни и во државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вод, потоа во просториите на Националниот сојузна слепи, истакна Спасов, додавајќи дека во тек е изградба на посебна њеб страна од каде сите заинтересирани ќе можат да го добијат посакуваниот наслов.
До крајот на годината, како што нагласи Спасов, во рамки на прокетот на министерството за труд и социјална политика, ќе бидат снимени уште 100 од предвидените 400 аудио книги.
– Ова е само почеток. Замислата дека им помагаме на слепите лица ни дава голем мотив да продолжиме што повеќе да создаваме за нив, заклучи министерот Спасов.
Книгите во аудио формат ќе бидат достапни бесплатно во просториите на НУБ „Св. Климент Охридски“.
Претседателот на Градската организација на Националниот сојуз на слепи лица Зоран Костадиновски изрази задоволство од реализацијата на овој проект и надеж дека фондот на аудио-книги за слепите и лицата со оштетен вид и натаму ќе се зголемува.
– Владата и МТСП направија многу значајни работи за слепите лица и за лицата со оштетен вид. Со овој проект овие лица добиваат многу и тој ќе им го доближи пишаниот збор, истакна Костадиновски.
Директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“ Иван Заров потенцира дека оваа установа и во иднина ќе продолжи да работи на постојано зголемување на аудио-материјали кои во секое време ќе бидат достапни за слепите и слабовидни лица во Одделението кое, како што рече, за таа намена е формирано во 2011 година.