
Бројот на Европјани кои пристапиле кон милитантната огранизација „Исламска држава“ во Сирија и Ирак порасанал на повеќе од 3.000, изјави за Би-Би-Си, шефот на антитерористичкиот оддел на Европската Унија, Гилес де Керчов.
Како што пренесува Би-Би-Си, де Керчов предупреди дека западните удари можат да го зголемат ризикот од одмазда на Исламската држава на територијата на Европа.
Коалицијата предводена од САД од август извела околу 200 воздушни удари врз Исламската држава во Ирак, а во понеделникот започнале и нападите врз оваа организација во Сирија.
Парламентот на Велика Британија денеска ќе гласа за можното вклучување во воздушните напади.
Де Керчов наведува и дека во тие 3.000 Европјани се вклучени и оние кои биле на боиштата, кои се во моментов таму и оние кои се убиени.
Проценките на ЦИА се дека Исламската држава во Сирија и Ирак има околу 31 илјада борци, што е за трипати повеќе од бројката која се претпоставуваше.
Де Керчов додаде дека прогласувањето на калифат во јуни оваа година, најмногу допринело за дополнително заминување на Европјаните на боиштата.
„Ако верувате во ова, веројатно сакате да бидете дел од тоа што е можно порано“, изјави де Керчов и предупреди дека Исламската држава веројатно ќе и возврати на Европа со воздушни напади.