
Идниот комесар за соседство и преговори за проширување на Европската унија, Јоханес Хан, во вторник (30 септември) во Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) на Европскиот парламент ќе биде сослушуван од европратениците за неговите планови за ресорот што ќе го предводи идните пет години.
Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Хан и новата Висока претставничка за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, ќе мора да го минат испрашувањето на АФЕТ, а потоа на 22 октомври, заедно со останатите 25 нови еврокомесари и претседалот Жан-Клод Јункер, да бидат официјално избрани на пленарна седница на Европарламентот во Стразбур.
Денеска, портпаролот на ЕП Жаум Душ-Гиљо ги претстави условите под кои ќе бидат сослушани идните еврокомесари, при што е сигурно дека во вторник, Хан ќе мора во три часа да одговори на 45 прашања од европратениците во АФЕТ, каде се очекува огромен интерес и за неговиот став во однос на закочените македонски евроинтеграции.
– Сослушувањето на прелдожените членови на Колеџот на комесари е политички начин, демократски процес кој следи по изборот на претставниците и процедурата е во линија со тоа што се случи кога Јункер беше избран и изгласан од ЕП. Ова е трнаспарентен и отворен процес и како што знаете, овие сослушувања се индивидуални за секој предложен коемсар и ќе бидат оценети според квалификации и политичката компетентност, знаење и разбирање на областите од нивното портфолиот во рамки на комитетите на Европарламентот што се во склоп со ресорите што во иднина ќе треба да ги водат, посочува Гиљо.
Според гласноговорникот на европскиот законодавен дом, идните комесари ќе се оценуваат генерално, но и конкретно за задачите што ги очекуваат, а во 2004 и 2009 година, сите видоа што значат сослушувањата во ЕП, со оглед на тоа што при изборот на првата неформална Влада на ЕУ предводена од Жозе Мануел Барозо, пред десет години испаднаа од игра двајца предложени комесари, а пред пет години не пројде бугарската кандидатка Румијана Желева. Првата комисија на Барозо во 2004 година беше одобрена на 18-ти ноември 2004 година, со еден месец задоцнување, а втората за 2009 година, по долгата процедура, ЕП ја изгласа дури на 10-ти февруари 2010 година.
– Сослушувања почнуваат во понеделник, а ќе завршат на 7-ми октомври попладне. Ќе има по две сослушувања во исто време, односно две наутро, две попладне и две навечер. Кога сите кандидати ќе завршат и ако е се како што треба, комитетите на ЕП ќе дадат генерална оценка и свое мислење на шефовите на политички групи. Конференцијата на претседатели на 9-ти октомври ќе даде целосна оценка за идниот Колеџ на комесари и ако е позитивна, тогаш одобрувањето на целиот Колеџ ќе се случи на 22 октомври во Стразбур, на пленарна сесија на ЕП. Комисијата на Јункер во тој случај би требало да започне со работата пред крајот на идниот месец, додава портпаролот Гиљо.
Во однос на сослушувањата во Европарламентот, според гласноговорникот на оваа институција, има пишана и вербална процедура, односно идентично како што се вработуваат и сите официјални лица во ЕУ. Пишаните прашања кон идните 27 еврокомесари (плус Јункер) беа испратени на 18-ти септември и на истите тие треба да одговорат до утре. Има пет прашања за секој комесар, кои се дефинирани на практичен начин. Две прашање се идентични за сите комесари, а три се специфични прашања и се поставени на секој комесар посебно.
– Првото прашање е за генералната компетентност на идниот комесар во однос на ресорот што треба да го води. Второто е за европските ингеренции и и независност, а третото прашање е во однос на идната соработката со ЕП, посочува портпаролот на Европарламентот.
Инаку, сослушувањата на идните неформални министри на Европската унија, ќе бидат јавни, отворени, не само за членовите, туку и за новинарите. Секое сослушување, според Жаум Душ-Гиљо ќе трае најмалку три часа до максимум три ипол часа. Најпрво е предвидено отворање на сесијата со воведно излагање на предложениот комесар со изјава од 15 минути, а потоа размена на погледи, прашања и одговори со европарламентарците во Комитетот. Секое сослушување ќе има максумум 45 прашања, што е повеќе од бројот на прашања во 2009 и 2004 година.
– Прашањата се пропорционално поделени меѓу политичките групи по Донтовиот систем во однос на нивната застапеност во Европскито парламент. Па, така, Европските народни партии ќе имаат 15 прашања, Социјалистите и демократите – 10, по пет прашања ќе добијат европските конзервативци и либералите од АЛДЕ, а по четири прашања се предвидени за европската левица (ГУЕ/НГЛ), „Зелените” и евроскептиците од ЕФДД. Две прашања ќе имаат и неповрзаните европратеници, образложува Гиљо.
Прашањата ќе може да се поставуваат во рок од максимум една минута, а предложениот комесар ќе има две минути за одговор. Дебатата може да се подели во различни политички области и на крајот на сослушувањето, кандидатот ќе има можност да направи заклучен говор.
Според критериумите за евалуација на предложените комесари, на крајот од сосулушувањата комитетите ќе повикаат состанок со сите координатори на Комитетот, а портпаролите од секоја политичка група кои партиципираат на сослушувањата, ќе донесат оценките за кандидатот. Потоа тие прават пишан извештај и овој документ, наречен евалуациско писмо, потоа се испраќа до Конференцијата на претседатели на ЕП.
Во случај на несогласување и барање на политичка група, ако само една се противи, тогаш претседателите на Комитетот ќе мора да се консултираат со другите членови, тогаш координаторите не носат оценка, туку сите инволвирани членови на Комитетот ќе гласаат за да се изгради позиција во однос на оценката на сослушувањето.
Инаку, во 1995 година првпат е воведен овој процес за испрашување на предложените членови на Колеџот на комесари во Европскиот парламент. Ако го навреди некој комесар со своето прашање, европратеникот е заштитен со именутет оти го прави за време на својата служба и затоа се можни и директни навреди, посебно од страна на евроскептиците на Најџел Фараж.