
Во петокот, во Универзалната сала, со театарската претстава „За домот се работи“, во продукција на НУ Народен театар-Битола, на авторот Горјан Милошевски, а во режија на Мартин Кочовски, заврши 39 – тиот Млад отворен театар.
– Во претставата „За домот се работи“ се преплетуваат шест приказни. Тие зборуваат за историски, библиски важни, фиктивни луѓе и популарни ликови од телевизиските екрани. Драмата се создава од клучните историски настани во животот на Гаврило Принцип, солунските атентатори, Кемал Ататурк, Ное и неговите синови, како и од животот на други значајни личности. Освен тоа, на нив се надоврзуваат конфликтите на современите Македонци и тоа преку драматизација на денешницата со употреба на постоечки и измислени проблеми. За домот се работи започнува со хуманистичките стремежи на ликовите, кои понатаму се разбиваат и ја откриваат голата вистина за нивната деструктивна природа. Претставата комуницира директно: преку јасни ставови, индивидуални и колективни пароли, заблуди и разумни согледувања и во неа, покрај другото, се застапени личните ставови на актерите во однос на ликовите што ги играат. Преку борбата да се зачува сопствениот дом, се отвораат темите за ропството, слободата и моќта на идејата, и се критикуваат застарените и малициозни историски, политички и религиски догми. Ниту еден од режимите за кои се зборува не е поштеден од критика, но тоа што останува непроменето, е тоа што на нишан секогаш остануваат обичните луѓе. Оваа претстава сака театарот да го претвори во една голема судница и така да ги поттикне луѓето да заземат свој став. „Горјан Милошевски“
Мот траеше од 19-ти до 26-ти септември, а театарските претстави што беа дел од програмата на ова 39-то издание, беа одиграни на седум различни сцени низ Скопје (МКЦ, МОБ, Универзална Сала, Драмски театар, Театар за деца и младинци, сцена Зебра и еден автобус на ЈСП) Уметничкиот совет на фестивалот и годинава селектираше богатата фестивалска програма која ги носи најзначајните домашни и регионални продукции, гостувања на театри од Италија, Белгија, Мексико, Велика Британија, Америка, а за прв пат домашната публика имаше можност да погледне претстава од продукцијата на Оф Бродвеј со која официјално беше отворен на 39-тиот Млад Отворен Театар.
Во рамки на годинешниот МОТ беа реализирани и придружни програми како концерти, промоции и работилници, програмата за овогодишниот МОТ е затворена со буџет од 6 милиони денари, 4, 5 милиони од Министерството за култура, а 1,5 милион од Град Скопје.