Педесетина Босанци од политичари станале милионери

Центарот за истражувачко новинарство (ЦИН) во БиХ објави база на податоци за 160 босански политичари, чиј имот забрзано се зголемува, а меѓу нив има 50-мина функционери со богатство од по над 2,5 милиони евра, објави МИА.

Според ЦИН, голем број политичари успеале за време на извршувањето на функциите да стекнат недвижнини, заштеди, возила и акции, и покрај тоа што секој шести жител во земјата е невработен, а бруто домашниот производ е многу низок.

Од 160-те политичари кои ЦИН ги истражува, речиси 100 од нив се кандидати на октомвриските избори за некои од функциите за кои платите се движат од 1.300 до 3.500 евра.

– Некои од нив влегле во политиката без имот, но за 10-12 години занимавање со оваа работа стекнале и по три-четири стана, луксузни автомобили, готовина која надминува 50.000 евра – изјави главниот уредник на ЦИН, Рената Драгиќ – Радиќ.

Според ЦИН, меѓу најбогатите политичари во БиХ се лидерот на Сојузот за подобра иднина, медиумскиот тајкун Фахрудин Радончиќ, босанскиот министер за земјоделство Јерко Иванковиќ – Лијановиќ, кој моментно се наоѓа во притвор поради наводна вмешаност во бројни финансиски малверзации, потоа лидерот на Сојузот на независни социјалдемократи Милорад Додик и неговиот партиски колега Гаврило Бобар, како и претседателот на Социјалдемократската партија на БиХ, Златко Лагумџија.