Петта конференција на Мрежата на сектори/одделенија за управување со човечки ресурси

Во организација на Министерството за информатичко општество и администрација, денеска се одржува Петтата конференција на Мрежата на сектори/одделенија за управување со човечки ресурси на тема „Функционална анализа„. Настанот е во рамките на проектот „Техничка помош на МИОА за Зајакнување на имплементацијата на Националниот систем за координација на обуки„.

Конференцијата ја отвори државниот секретар на министерството, Јахи Јахија, кој истакна дека таа е од исклучителна важност за споделување на искуствата и сознанијата помеѓу практичарите од областа на управувањето со човечките ресурси, кои се вработени во органите на државната управа и локалната самоуправа во Република Македонија.

„Целта на спроведувањето функционална анализа во администрацијата е да стане корисна алатка преку која ќе се идентификуваат главните прашања поврзани со постојната организациска структура и со функционирањето на секоја поединечна институција, како и да овозможи креирање на конкретни мерки за подобрување на институционалната ефикасност. Таа ќе биде имплементирана и во голем број други органи. Решени сме, функционалната анализа редовно да се користи од страна на органите заради оптимизација на работните прoцеси и работните места. Во тој контекст, значајни ќе бидат функционалните анализи што се спроведуваат во текот на имплементацијата на проектот, но уште позначајни ќе бидат одржливите продукти, во вид на изработена методологија и обучени лица за спроведување на понатамошни функционална анализа.„- рече во своето обраќање државниот секретар Јахија.

Инаку, оваа активност опфаќа повеќе подактивности, како што се: обучување на претставници од администрацијата за спроведување на функционална анализа, подготовка на Методологија за функционална анализа и конкретно спроведување на ФА во неколку институции на централно и локално ниво.

Од името на делегацијата на Европската комисија во Република Македонија, на конференцијата се обрати Јаромир Левичек, раководител на сектор за операции за економски работи, градење на институциите и предпристапно известување, додека за суштината на функционалната анализа зборуваа Тони Гетинг, експерт за управување со човечки ресурси и Дарко Јаневски, правен експерт.