
Македонскиот ракометен вицешампион Вардар има двајца свои претставници во изборот на најдобриот тим во СЕХА Лигата за месец септември.
Меѓу најдобрите седум се најдоа двете крила, Добривое Марковиќ и Матјаж Брумен. На официјалниот сајт на ова натпреаврување се вели дека иако Марковиќ е во постојана сенка на Дибиров, секогаш кога ќе добие шанса максимално добро ја користи, а тоа најдобро се видело на мечот против ППД Загреб каде постигна 10 погодка, а за Брумен дека е еден од најважните играчи за тренерот Раул Гонзалез кој знае да одигра подеднакво добро и во нападот и во одбраната.
Идеалниот тим го комплетираат: Голман: Роланд Миклер (Веспрем), Пикер: Ренато Сулиќ (Веспрем), Лев бек: Момир Илиќ (Веспрем), Среден бек: Јосип Валчиќ (ППД Загреб), Десен бек: Даинис Кристопанс (Татран Прешов).
Во месец септември во оваа лига беа одиграни 24 натпревари и најдобар тим беше Веспрем со 6 победи на исто толку натпревари, вклучувајќи ги тука и пресметките со нашите претставници Вардар и Металург.