
Денес, министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски престојуваше во официјална посета на Црна Гора. На средбата со својот домаќин Лукшиќ, беше констатирано дека Црна Гора и Македонија имаат пријателски односи и исти приоритети, при што министрите Попоски и Лукшиќ ја потврдија потребата за креирање на заеднички пристап за унапредувањето на економската соработка, како и за привлекувањето на странски инвестиции.
Потенцирајќи ги позитивните искуства во заедничките билатерални и регионални иницијативи, беше посочено дека партнерскиот однос којшто двете земји го градат е доказ за посветеноста во имплементирањето на европските вредности во Регионот, но исто така, и насока по која треба да се движат и односите со другите земји партнери од Регионот и Европа.
На средбата беа покренати и прашањата од аспект на меѓународната соработка, со посебен акцент на напорите на двете земји за полноправно членство во Европската унија и НАТО.
Двајцата хомолози изразија подготвеност и за размена на искуства на експертско ниво, согласно потпишаниот Договор меѓу двете Влади во контекст на процесот на пристапување во ЕУ, а плодната соработка во другите ресори, како што се внатрешните работи, одбраната, културата и туризмот, ги посочија како гаранција за успех на секоја идна иницијатива и соработка.
Министрите Попоски и Лукшиќ се согласија дека сигурно имаме на што да работиме: подобра инфраструктура, регионална поврзаност и заеднички пазар се клучот во меѓувреме. Ова е уште попотребно за да се приближиме во економски развој кон остатокот од Европа.
„За Македонија секое придвижување од било која земја од соседството кон ЕУ е придобивка за сите. Но, тоа нема да се случи следниве неколку години”, истакна министерот Попоски.
На новинарско прашање во однос на очекувања од извештајот од Европската Комисија, министерот Попоски одговори: Без Атина во сликата, извештајот на ЕК за РМ е брод на суво, не може да се помести.