
По поразот од Шпанија на премиерниот натпревар во квалификациите, за македонската репрезентација нема друга алтернатива освен победа на натпреварот против Луксембург, утре од 20:45 часот на националната арена „Филип Втори“.
Токму тоа го потенцираше и селекторот Бошко Ѓуровски кој, како што нагласи на денешната прес-конференција, целокупните подготовки пред овој дуел биле да се нападне голот на Луксембург што е можно повеќе.
„Добро е што немаме никаков проблем со повредите и ќе може да сметаме на сите повикани фудбалери. Во модерниот фудбал нема лесни противници, па затоа максимално сериозно му пристапуваме на натпреварот со Луксембург кој воопшто не е наивен противник и знае да биде многу опасен преку контра нападите. Но, ние целиме кон победа, и јасно е дека дали ќе стигнеме до неа зависи само од нас самите. Согласно извршените анализи пред мечот потребно ни е најмалку посед на топка од околу 60%, 7 до 10 корнери за време на мечот, постојани атаци преку крилните позиции и ако против Шпанија имавме 9 шута кон противничкиот гол сега ќе мора да имаме од 12 до 15. Ова се параметрите кои ќе треба да ги исполниме за да дојдеме до посакуваните три бода. Офанзивата е наша определба, но секако концентрација и сигурноста во одбраната ќе бидат неопходни“ – истакна Ѓуровски.