
Министерот за здравство Никола Тодоров ги задолжил директорите на болниците, до трети овој месец да направат распоред на термините за преглед на пациентите за ноември, а ако тоа не го сторат, следат казни и креирање на термините од Министерството, пишува весникот Вест.
Според новото укажување, како што пишува „Вест“, специјалистите ќе треба за 10 минути да прегледаат еден пациент, а во текот на осумчасовното работно време, преку системот за закажување „Мој термин“ да имаат закажано 36 прегледи кои треба да ги завршат за шест часа, а еден час да им биде резервиран за пациентите што доаѓаат на контрола. На почетокот на секој работен ден, е предвиден половина час за задолжителен утрински колегиум, а во текот на работното време половина час пауза за лекарот.