
Со кош постигнат во последната секунда, екипата на Алба Берлин синоќа го победи првакот на НБА лигата Сан Антонио со 94:93.
На подготвителниот дуел за новата кошаркарска сезона кој се одржа во Берлин, тимот во кој настапува и Војдан Стојановски, успеа да забележи победа против големиот фаворит, а нашиот репрезентативец за нешто помалку од шест минути игра постигна четири поени. Најефикасен во победничкиот тим беше Меклин со 18, а Хамондс и Рединг постигнаа по 15 поени.
Инаку пред натпреварот, кошаркарот на Сан Антонио Тони Паркер го доби признанието за најдобар европски играч во минатата сезона.
Французинот и на овој дуел беше најдобар со постигнати 28 поени, колку што заедно уфрлија неговите соиграчи Данкан и Леонард.
Ова беше 75. пресметка меѓу екипи од европскиот континент со тимови од најсилната светска лига – НБА и само 12 победа за Европјаните.