Националистите водат на општите избори во БиХ

По општите избори во Босна и Херцеговина одржани вчера, светските медиуми во своите извештаи укажуваат дека националистите водат во поделената и сиромашна европска држава, објави МИА.

Барањето работа и етничките тензии ги обоија изборите во БиХ, наведува Би-Би-Си и додава дека тензиите меѓу Бошњаците, Србите и Хрватите остануваат на високо ниво. Делови од државата сакаат независност од Сараево, додава Би-Би-Си, а други медиуми во Британија потсетуваат и на февруарските протести кои беа одраз на големото незадовлство во државата.

– Ништо не функционира во оваа држава, вели Мирсада Грго за француски медиуми додавајќи дека тоа била последна шанса за будење на народот. Таа додава дека лидерите на трите етнички групи не успеале да се договорат за клучни прашња битни за напредок за државата и нејзино членство во Европската унија и оти нивното однесување предизвикало БиХ да биде на дното за просперитет во регионот.

– Расположението во државата е лошо, а вчерашните избори најверојатно нема да донесат ништо ново, објави Дојче Веле.

Глас на Америка во прв план истакнува дека националистите кои водат врз основа на првичното пребројување на гласовите гледаат различна иднина за државата. Исто така наведуваат дека продолжувањето со пребројувањето на гласовите најверојатно ќе донесе „шарен“ состав на државниот парламент што по правило успорува креирање на властите.

Хрватски медиуми јавуваат дека најголемите партии со хрватски и српски предзнак го поделиле влијанието меѓу хрватските и српските избирачи.

Според прелиминарните податоци на Централната изборна комисија најголем број гласови за бошњачки член на Претседателството на БиХ добил кандидатот на СДА Бакир Изетбеговиќ, а за хрватски член кандидатот на ХДЗ БиХ, Драган Човиќ.

За српскиот член се уште не е извесен сигурен победник иако од спротиставени блокови на владејачкиот Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД) и опозицискиот Сојуз за промени, тврдат дека нивниот кандидат (Жељко Цвијановиќ односно Младен Иваниќ) се во предност.

Неизвесна трка е и за претседател на Република Српска меѓу Додик и Огњен Тадиќ.

Според ЦИК на изборите во БиХ гласале 54,15 отсто граѓани со право на глас. Во Федерацијата гласале 52,73, а во РС 56,94 отсто. Во споредба со изборите во 2010 година излезноста е помала. Најавите се дека околу 14 часот ЦИК ќе излезе со „поконкретно“ соопштение за бројот на гласови од изборите.