Русија ги зголемува златните резерви

Русија последните пет месеци го зголеми откупот на злато на светскиот пазар и ги пополни златните резерви, пишуваат руските медиуми.

Вкупната количина на златни резерви во Русија на крајот на август, според податоците на Меѓународниот монетарен фонд, изнесувала 1112,5 тони, што е за 77 тони повеќе отколку во јануари, со што ги надмина Кина и Швајцарија.

Повеќе златни резерви од Русија имаат само САД (8,100 тони), Германија (3,300 тони), Италија (2,450 тони) и Франција (2,435 тони).

Русија со откуп на злато се занимава веќе неколку години, започнувајќи од кризата во 2008 година, и сето тоа го прави без многу публицитет.

Според медиумите, 70 отсто од резервите на Русија се во долари и евра.

Според мислењето на експертите, со зголемувањето на уделот на златото во вкупните резерви, Банката на Русија го намалува уделот на американскиот долар и еврото.