
Во СДСМ врие и како вирус се шири незадоволството од начинот на кој двоецот Заев-Шекеринска ја водат партијата. Последен од редицата е скандалот со изборот на 7-мина нови членови на извршниот одбор во општинската организација на СДСМ во Гази Баба.
Press24 ја објавува документацијта која ја добивме од високи партиски извори. До нас пристигна барање потпишано од делегатите од општинската организација на СДСМ во Гази Баба, кое на 9 октомври е доставено до централата на СДСМ, како приговор до Надзорниот Одбор на СДСМ. Во прилог на ова барање се доставени и потписите на делегатите кои не присуствувале на општинската конференција во Гази Баба, која се одржала на 29 септември, во присуство на претседателот и генералниот секретар на СДСМ, Зоран Заев и Оливер Спасовски. Од ова барање се гледа дека мнозинството членови на оваа организација, бараат од надзорниот одбор на СДСМ да го поништи изборот на 7-мина нови членови на раководниот орган, заради тоа што конференцијата е одржана без кворум за работа, со делегати кои се вметнати во списокот по принципот “пиши-бриши“, што е флагрантно кршење на партискиот Статут и процедурите за избор. Заев и Спасовски, иако биле претходно информирани во целост за состојбите, со своето присуство го аминувале овој скандалозен избор. По повод овој скандал, редакцијата на Press 24се обиде да стапи во контакт со пратеникот Благоја Стојановски, кој припаѓа на партиската организација на СДСМ од Гази Баба, но не успеа од него да добие став, иако тој претходно за “Утрински Весник“ дал изјава дека “нема да коментира ништо додека трае постапката пред Надзорниот Одбор на СДСМ“, што е потврда за веродостојноста на дописите кои ги добивме.
Скандалозниот избор во партиската организација во Гази Баба е уште еден знак за трагичните состојби во кои се повеќе тоне СДСМ. Двоецот Заев-Шекеринска наводно не ги признаваат изборните резултати, со сериозни обвинувања за некаков фалсификат за што бараат техничка влада за спроведување на фер и слободни избори, а самиот Зоран Заев лично дозволува фалсификуван избор на партиски органи во изборна постапка спротивна на актите на својата партија, што е спротивно на демократските принципи и вредности за кои толку гласно зборува и се залага СДСМ. Ваквото лицемерие на безидејното партиско раководство на СДСМ е препознаено и затоа се погласни се информациите дека се зголемува бројот на избрани пратеници кои се убедени дека ќе бидат жртвувани за неоснованото барање за техничка влада, за кое ниту Никола Груевски сака да разговара, ниту пак меѓународната заедница го подржува. Заради незадоволството од политичките екскурзии на Заев и Шекеринска се најавува можноста повеќе од десетина пратеници да не испочитуваат ставот да се бојкотира Собранието.
Документацијата до која дојде Press24 да ја проследите овде.