
Министерот за надворешни работи, Никола Попоски, денеска ги прими британскиот и германскиот амбасадор, Чарлс Гарет и Кристине Алтхаузер. Во оваа прилика, тие му врачија покана за учество на шестата конференција на министри за надворешни работи од ЈИЕ, во организација на Аспен Институтот.
– Во ноември, во Берлин, заедно со германскиот и британскиот колега Штајнмаер и Хамонд ќе разговараме за нашиот регион. Средбата ќе биде на линија со Берлинската и најавената Виенска конференција догодина. Посебно внимание ќе посветиме на поттик на економиите, прекуграничната инфраструктура како и евроинтеграциите, вели министерот Попоски.
Тој додава:
– За нас е многу битен покажаниот германско-британски интерес за иднината на југо-источна Европа.