
Србија не планира да воведе санкции против Русија, изјави српскиот премиер Александар Вучиќ во ексклузивното интервју за ИТАР-ТАСС пред утрешната посета на рускиот претседател Владимир Путин на Белград, објави МИА.
– Никој не може да и’ наредува на Србија да ги разурне своите односи со Руската Федерација. Србија е слободна и независна држава, таа е на европскиот пат, но не воведе и нема да воведе санкции против Русија, истакна српскиот премиер.
Вучиќ нагласи дека Србите имаат историски, културни и религиозни врски со Русите.
Според него тоа што се случува во југоисточна Украина претставува голема тежина, како за Украинците, така и за Русите. – Верувајте, Србите сочувствуваат за тоа, заедно со сите словенски народи. Ние се надеваме на мир, додаде Вучиќ.
Српскиот премиер истакна дека очекува со рускиот претседател да разговара за конкретни прашања за соработка во економската сфера.
Вучиќ потсети дека ослободувањето на Белград се случило благодарение на големата поддршка на Црвената армија. – Овој настан е една од нашите најважни историски победи, додаде тој.
Премиерот ја определи енергетиката како една од најперспективните сфери во руско-српската соработка.
– Имаме ммногу прашања кои треба да ги решиме во областа на енергетиката. Вие знаете дека „Газпром“ е мнозински сопственик на српската компанија „Нафтена индустрија Србије“. Неопходно е да ја разгледаме иднината на нашите односи по тоа прашање, со цел се да решаваме како партнери, рече Вучиќ.
Тој додаде дека е потребно и да се разгледа до каде стигнале работите во врска со гасоводот „Јужен поток“.
– Со Русија ние брзо и лесно се договоривме. Но не Зависи се од Србија. Не може „Јужен поток“ да почнува на границата на Србија со Бугарија и да завршува на границата на Србија со Унгарија. Тој треба да минува преку Бугарија, преку Унгарија, Австрија и сите останати земји. Што се однесува до Србија ние го направивме своето, а останатото зависи од други, истакна српскиот премиер.