Музички хепенинг во паркот на Шопен во петок во Кисела Вода

Општина Кисела Вода утре организира свечено чествување на музичкиот великан Фредерик Шопен. По повод 165 години од смртта на овој музичар, општината ги кани сите да дојдат во паркот Шопен, каде ќе можат да уживаат во едно културно доживување инспирирано од овој уметник.

На настанот на кој свое обраќање ќе имаат градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ и амбасадорот на Република Полска во Република Македонија Јацек Мултановски, свое музичко претставување пред публиката ќе има триото ВивАрт. Ова камерно трио, во состав Билјана Петровска (пијано), Милена Тодороска (виолина) и Петар Колевски (кларинет, саксофон), зад себе има богата биографија, во која се нотирани повеќе концертни настапи ширум државава. Познато е по својот карактеристичен звук и тонска боја која доаѓа преку специфичниот спој на нивните инструменти и аранжманите кои се специјално направени за овој состав. Ова трио пред публиката во паркот Шопен, во петок ќе се претстави со музички избор од делата на Шопен.

Овој настан, е уште еден чекор напред во и онака добрата соработка што општина Кисела Вода ја има со Република Полска.

Кисела Вода е единствената општина во Македонија, во која една улица е именувана по овој светски музичар, а во 2010-та во рамките на прославата на 200 годишнината од раѓањето на овој полски композитор, беше отворен и паркот Шопен, во кој и ќе се одвива петочниот настан.

Големото културно случување во паркот Шопен ќе започне во 12 часот.