
Демократскиот сојуз на грчкото етничко малцинство во Албанија, „Омонија“ ја повика албанската Влада и премиерот итно да ги преземат сите потребни мерки за заштита на законите во земјата, пред ситуацијата да излезе од контрола, објави МИА.
Повикот е упатен во врска со инцидентот кој се случи пред неколку дена во селото Дервичани по прекинот на фудбалскиот натпревар меѓу Србија и Албанија во Белград.
Во соопштението на „Омонија“ се вели дека стотици лица навлегле во селото Дервичани, развиорувајќи знамиња и носејќи плакати со националистичка содржина со цел да ги испровоцираат етничките Грци, кои живеат во него.
– Албанците кршеа стакла на продавниците и автомобилите и напаѓаа припадници на етничото малцинство. Ситуацијата ќе излезеше од контрола, доколку не пристигнеа полициските единици, кои го спречија најлошото сценарио, се наведува во соопштението на „Омонија“.