За три дена пајакот кренал 94 возила

Сообраќајната полиција во текот на викендов откри и санкционираше 24 возачи кои ги управувале своите возила под дејство на алкохол и истите се исклучени од сообраќај, 80 возачи коишто не го почитувале ограничувањето на брзината на движење, од нив 34 возачи со возилото се движеле со брзина поголема од 90 километри на час во населено место, 12 возачи кои не ги почитувале светлосно сообраќајните знаци на крстосниците и 32 возачи кои не го користеле безбедносниот појас или го користеле мобилниот телефон за време на управувањето на возилото.

Со помош на специјалното возило „пајак“, сообраќајната полиција во петокот, саботата и неделата отстрани 94 возила кои го попречувале нормалното одвивање на сообраќајот.

Отсекот за превенција при Единицата за безбедност во патниот сообраќај при СВР Скопје во рамките на акцијата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“, денеска ќе одржи едукативни предавања во ОУ „Круме Кепевски“ кое се наоѓа на подрачјето на општината Кисела Вода, со учениците од второ и четврто одделение.

За денеска нема најавено вонредни настани со што се очекува сообраќајот да се одвива тековно и според постоечката сообраќајна регулатива.

Во текот на денешниот ден, на крстосниците во централното градско подрачје ќе биде реализирана обука за физичка регулација на сообраќајот на кандидатите за полициски службеници.

Обуката ќе биде реализирана од страна на Единицата за безбедност во патниот сообраќај и Центарот за обука при МВР. Апел до возачите да бидат претпазливи, толерантни и да ги почитуваат знаците што ќе ги даваат полициските службеници.