Краде ли во Македонија секој кој има допир со пари?

Човекот е алчен, а човечкото око е жедно и незаситливо за што повеќе пари. Ова го потврдија и низа случувања на луѓе кои се наоѓаат на работни функции каде се во постојан контакт со пари. Тие паѓаат на искушението, присвојуваат пари и на туѓа сметка полесно си овозможуваат лускузен живот.

Последен од низата скандали е случајот на благајничката од Институтот за белодробни заболувања и туберкулоза од Скопје, која пет години се луксузирала со парите кои биле уплаќани за болните пациенти за болничките услуги. Таа пет години, откако била назначена на оваа функција парите кои им биле наплатувани од пацинетите наместо да ги уплати на банкарска сметка, ги присвојувала за себе и ги трошела за луксузен живот. Така, во овој период на контото на педесет и едногодишната Л.Н. легнале ни помалку ни повеќе туку 70 илјади евра. Иако на самиот почеток нејзиниот план за проневера не бил забележан и можеби ќе минел неоткриен, кога имала поголема потреба за пари таа се осудила да го присвои целиот дневен промет на Институтот. За да ги сокрие трагите и да ја префрли вината на другите вработени ја криела и уништувала книговодствената документација.

Дека алчноста чини скапо покажа и случајот на тројцата банкарски работници кои секојдневно броеле илјадници евра, паднале на искушението и со злоупотреби, манипулации и прекршување на процедурите за време на неколку месеци во 11 наврати го олеснил банкарскиот трезор.

Вработениот кој ги полнел касетките со пари за банкомати наместо 2.250 000 денари, ставал многу помалку пари, а неговиот соучесник не му вршел соодветна контрола. Третиот соучесник, пак, кој ги менувал касетите со пари во банкоматот, иако знаел дека во нив има помалку пари, во компјутерот на апаратите внесувал други бројки како да ги има сите предвидени пари внатре и на тој начин го покривал недостатокот.

Сличен е и случајот на шеесет и тригодишната поштенска службеничка која крадела од поштата во Катланово, каде работела, а потоа пријавувала дека се случило разбојништво.

Во двата грабежи, едниот извршен лани во јануари, другиот во февруари украдени се над 700 илјади денари или околу 12 илјади евра. Вработената пријавила дека разбојник со нож во утринските часови влегуол во поштата и се заканувал, првиот пат со пиштол, вториот со нож за да го отвори сефот. Потоа ја удирал и се онесвестил.

Понатамошната истрага треба да утврди каде се парите и дали ќе одговара и за други кривични дела освен за лажно пријавување. Наводно, таа парите ги земала за да се раздолжи со соселанец од Катланово. Кога заминала во полиција да го „препознае“ разбојникот не можела да издржи и признала се.

Човекот не знае за доста како што потврдуваат и овие наведени случаи: Тој секогаш е жеден за повеќе и повеќе. Неговата алчност го тера да се занесе се повеќе и да тоне, притоа не забележувајќи дека е дојден моментот кога не може да ги сокрие трагите позади себе. Ја користи максимално секоја шанса и го полни џебот секогаш кога може, па дури и кога нема услови за тоа. Но, на самиот крај алчноста за повеќе е таа која го издава и го става онаму каде што му е местото, зад решетки. Единствената трагедија, за овие луѓе кои не можат да му одолеат на искушението кое е пред нив, е семејството кои иднината ја поминува страдајќи, обележано, поради туѓите грешки.