НАТО направи грешка што не ја прими во полноправно членство Македонија бидејќи така ќе се зголемеше безбедноста во регионот на Западниот Балкан. Ова во изјава за Македонската телевизија, го нагласува експертот за безбедност на влијателната американска фондација Херитиџ, Стив Бучи.
Како што информира МРТВ, според Бучи, проблемот со странските борци од Балканот што се борат на страната на Исламската држава во Сирија ќе ја нарушува безбедноста на регионот и во иднина…
Тој вели дека НАТО преокупиран со сопствените проблеми, заборавил дека пред сѐ е организација за безбедност и дека треба да мисли на безбедноста на Европа вклучувајќи го и Западниот Балкан. Тоа што на последниот самит на Алијансата не беше примена Македонија во полноправно членство може лошо да се одрази на регионот.
– НАТО не помогна со овој самит. Се надевав дека барем ќе ги покани Македонија и Црна Гора да се приклучат во Алијансата, но тоа не се случи. Тоа беше грешка од страна на НАТО, што се надевам брзо ќе се исправи, изјави Стив Бучи-експерт за безбедност на фондацијата Херитиџ во Вашингтон.
Според него, причина повеќе за проширувањето на НАТО со нови земји членки на Западниот Балкан е и проблемот што регионот се соочува со странски борци коишто се борат на страната на џихадистите во Сирија. Според Меѓународниот центар за контратероризам во Хаг, 654 борци од Балканот, најмногу од БиХ 330, Косово 150, Албанија 90, Србија 70, Македонија 12 и Црна Гора двајца, се веќе во Сирија. Педесет и еден балкански борец коишто се бореле на страната на џихадистите во тнр босанска и албанска група загинале.
– Ова е ситуација со која сите ние на Западот се соочуваме. Заедниците на Балканот, особено исламските заедници никогаш не покажувале радикализам каков што гледаме на Блискиот Исток, но сега со странските борци коишто одат да се борат во Сирија и потоа ќе се вратат на Балканот, треба сите да не загрижи, нагласува Бучи.
Инаку, се смета дека безбедноста на Европа е на многу ниско ниво, бидејќи покрај кризата со Украина, во моментов во Сирија на страна на џихадиските се борат околу 2.500 странски борци од Франција, Британија, Германија, Белгија, Турција, Холандија, Данска, Норвешка, Шведска, Австрија, Ирска и Русија.
Според експертите на Херитиџ проширувањето на Алијансата во Европа може да ја зголеми безбедноста и нагласуваат дека НАТО направи грешка што не ја прими Македонија во полноправно членство на последниот самит.