
Во тек е комплетно уредување на паркот во Капиштец, кој ќе се простира на 20. 000 метри квадратни, во средишен простор помеѓу 12 згради. Oд нив, 12.450 метри квадратни ќе бидат зелена површина.
Се градат две детски игралишта и едно кошаркарско игралиште со соодветна подлога за таков тип на спорт, две групации на подни прскалки, се поставува нова урбана опрема ( клупи, корпи, паркиралишта за велосипеди). На детските игралишта ќе се стави подлога од гумени плочи со дебелина од 5 сантиметри.
Металната ограда е заменета со уникатна ограда од ламелирани дрвени греди, а ќе има два типа осветлување: амбиентално и високо осветлување со канделабри.
„Паркот повеќе години беше запуштен. Дрвјата беа високо израснати, така што во борба за светлина голем број од дрвјата се искривени, делумно деградирани или потполно исушени. За таа цел беше потребна санитарна сеча на исушените високи растенија што изгледаа запуштено и претставуваат опасност од паѓање при појак ветер. Отстранети се стари и деградирани јаболкови дрвја, оревите кои ја поклопуваа декоративната вегетација, извадени се корења од сите исечени дрвја кои беа пречка за слободно трчање на децата“, соопштуваат од општина Центар.