
Гребајската улица во Црна Гора е местото каде се спојуваат три религии. На оваа улица во црногорско Гусиње се наоѓаат џамија, православна и католичка црква.
За граѓаните ова претставува вистинско богатство.
На почеток на Гребајската улица се наоѓа Везировата џамија, најстара во градот со мнозинство муслиманско население. Ја изградил скадарскиот везир на почетокот на 15-тиот век.
На 50 метри низ улицата, кралот Александар во 1926 година ја изградил српската православна црква. Малку подолу е сместена и католичката црква Св. Антон. Изградена е во 1933 година.
Најстарите жители на Гусиње велат дека сите вери и нации од градот секогаш живееле во слога кога им било најтешко. Војните и природните несреќи само повеќе ги зближувале. Дека тој соживот продолжува се истакнува и со примерот дека за реновирање на црквата донирале сите граѓани и католици и муслимани.