
Во рамки на денешната седница во Собранието ан Република Македонија посветена на пратенички прашања, пратеничката Солза Грчева постави прашањедали Владата планира да ги укине дисперзираните студии како една од причините за намалениот квалитет во високото образование.
– Не би се согласил со констатацијата дека во последните денови излегла информација дека имаме шкарт дипломи во високото образование. Ние јасно укажавме на фактот дека по неколку години имплементација на голем број реформи во делот на високото образование констатирани се потреби од негово надградување, особено во делот на квалитетот во реализацијата на високото образование и секако издавањето дипломи или завршувањето студии не само од прв, туку втор па и трет циклус, рече Ристовски.
Тој посочи дека во Република Македонија во последните неколку години, се појавуваат субјекти кои што успеваат да ги обезбедат сите потребни инфраструктурни услови за да реализираат високо образовна настава коишто се пропишани согласно Законот за високо образование.
– Меѓутоа, ако одиме едно скалило погоре треба да констатираме дека по неколку години имплементација се појавува потреба од дополнително вклучување односно дополнително реформирање на целиот процес и ние понудивме една опција, а тоа беше воспоставување на тн. државен испит којшто многу невешто се обидоа дел од вашите сопартијци да го прикажат како воспоставување систем на екстерно тестирање во високото образование, рече Ристовски и потенцираше дека тоа не е воопшто екстерно тестирање во високото образование.
Појасни дека станува збор за предлог за државен испит по примерот на дел од земјите во централна Европа.
– Се одлучивме за еден од моделите кој е во фаза на јавно понудена идеја и расправа која што потоа ќе следи во предлог на закон којшто сите заеднички треба да го анализираме, појасни заменик министерот за образование и наука.
Според него, дисперзираните студии не се тие кои произведуваат неквалитет и посочи дека основната идеја на дисперзираните студии била да се доближат восокообразовните установи од државните универзитети до граѓаните на Република Македонија во нивните места на живеење со тоа што би се намалиле трошоците и за живот и за нивно престојување во главниот град.
Владата и Министерството, додаде, не размислуваат да ја укинат можноста за дисперзирани студии од причина што секоја година има квалитативна анализа на процесот и се утврдува дали во определен град или определени дисперзирани студии треба да се стават во мирување, треба да продолжат и дали треба да се зголеми бројот како квота за упис.