
На Денот на штедењето, 31 октомври, традиционално Здружението за банкарство одржа Свечена седница на која се презентираа движењата во областа на штедењето и улогата на банкарската заедница од тој аспект. Потпретседателот на Стопанската комора и Генерален директор на Шпаркасе банка Глигор Бишев истакна дека довербата на македонските граѓани во банките е голема, и оттука тие имаат обврска да ги инвестираат во сигурни и здрави проекти.
„Банките и понатаму ја задржуваат високата доверба на штедачите на населението и штедењето достигна 194 милијарди денари на крајот од септември од кои што најголемиот дел се користи за пласирање на средства како на населението така и на претпријатијата. 94 милијради денари се вишок на штедење кои банките би ги употребиле за кредитирање на претпријатијата. Средствата на штедењето учевствуваат во покривање на кредитите на претпријатијата со 63 отсто и тоа е битен фактор за динамизирање на економскиот раст на Македонија,“ истакна Бишев кој оцени дека македонската економија заздравува и се движи напред.
Гувернерот на Народната банка на РМ, Димитар Богов истакна дека зголеменото штедење во денари и на долг рок е најдобар индикатор за зголемената доверба на населението во банките.
„Оттука наша одговорност е да продолжиме да работиме заедно со банките на зголемување на сигурноста и довербата во банкарскиот сектор,“ изјави Богов.