Да се одржи нова средба на „Бихаќска“ на која ќе присуствуваат сите партнери од опозициската коалиција е нова иницијатива која доаѓа од редовите на НСДП и ЛДП. Нема гаранција дека средбата би донела потврда на бојкотот затоа што, под притисок од коалицијата можно е целосно укинување на оваа одлука и враќање во Собранието, пишува „Дневник“.
Според извор на весникот, кој е дел од опозициската коалиција , одлуките треба да ги носат сите заедно и токму затоа се планира состанок во текот на следната недела меѓу сите лидери, Зоран Заев, Тито Петковски и Андреј Жерновски, но и сите пратеници од СДСМ, НСДП и од ЛДП кои добија место во Собранието во овој состав. Средбата, како што додава, се очекува да даде прецизна слика за насоката по која ќе се движат опозициските пратеници, особено пред истекот на уставниот рок за констатирање на нивните оставки, кој им прави дополнителен притисок. И ако се реши да се бојкотира, мора да се има стратегија како понатаму тоа ќе се спроведува, нагласува нашиот соговорник, но засега има голема поделеност меѓу коалициските партнери за одлуката за бојкот. Токму затоа сите опции се отворени.
Според брифинзи од СДСМ, на последниот состанок на ИП со пратеничката група петмина пратеници во оставка најавиле враќање во Собранието затоа што не се согласувале со одлуката на високото раководство за бојкот. Предводник на оваа група пратеници, главно од внатрешноста, според информации на „Дневник“, е Маријанчо Николов, кој беше носител на листа во изборна единица на парламентарните избори. Во текот на вчерашниот ден се обидовме да стапиме во контакт со Николов за став во врска со овие информации, но пратеникот не одговори на нашите повици. Од партијата на Заев официјално потврдија дека имало дебата во однос на тоа прашање, но не и тензична атмосфера и оти на крајот сите биле согласни за бојкот. Сепак, се остава простор за отстапки како резултат на лична одлука на некој пратеник.