
Претседателот на Ракометната федерација на Македонија Живко Мукаетов во интервју за спортскиот портал „Екипа“ вели дека ракометарот на Вардар Матијаж Брумен не е во плановите за СП во Катар.
Веќе одамна се шпекулира дека десното крило на Вардар Матијаж Брумен би можел да добие македонски пасош и да биде дел од македонската репрезентација на СП во Катар. Сепак, претседателот на РФМ Живко Мукаетов ги демантира овие шпекулации.
-Матијаж Брумен е извонреден играч од светска класа, но не е во нашите планови за СП во Катар, истакнува во интервјуто за „Екипа“ претседателот на РФМ.
Мукаетов воедно се осврна на последниот меч на Македонија против Чешка и истакна дека е воодушевен од начинот на кој капитенот Кирил Лазаров ги предводеше соиграчите до големиот бод на тешкото гостување.
– Воодушевен сум од капитенот Кирил Лазаров кој особено на овој меч покажа што значи вистинско лидерство и го крена тимот кога тоа беше најпотребно. Горди сме што во нашите редови имаме не само репрезентативец од светски калибар туку и извонреден мотиватор. Извонреден беше и Борко Ристовски кој публиката во Злин и целата македонска ракометна јавност ја почести со своето маестрално роденденско издание. Да не ги заборавиме и Филип Миркуловски и останатите носители на репрезентативниот дрес кои уште еднаш покажаа како треба да се бориме со сите сили и со цело срце за достојно да ги претставиме боите на Македонија, вели првиот човек на РФМ.