
Во денешното издание, весникот Дан од Подгорица објавил дека Данај во редакцијата пратил писмо во кое инсистирал на “самоопределување” на Албанците во другите земји, доколку, како што е наведено, Република Српска се одвои од Босна и Херцеговина и се соедини со Србија.
Албанија, според зборовите на Данај, е единствена земја во Европа која “се граничи сама со себе”. Данај во своето писмо ги “теши” соседите на Албанија, велејќи дека тој не е за “Голема Албанија”, туку за “природна”, бидејќи како што наведува, тој е антифашист.
Според тврдењето на Данај, меѓународната заедница, бидејќи сака мир и стабилност во регионот, почнува да ја уважува идејата за обединување на сите Албанци.
“Природна Албанија значи замена на оската Белград – Атина со триаголник Белград – Тирана – Атина, по обединувањето на Косово и другите делови на албанските територии со матичната земја”, пишува Данај во писмо кое го пренесува црногорски Дан.