
Повеќе од 3.500 компании од Илиноис, меѓу кои познати брендови и корпорации вчера имаа можност да дознаат за условите за инвестирање во Македонија од владиниот тим предводен од премиерот Никола Груевски на форумот во Чикаго.
Дел од нив ги најавуваат и плановите за инвестирање, а меѓу нив е и инженерската компанија „Гленмон Глобал Солушн“, која ќе се занимава со инженерство и проектирање и ќе ангажира висококвалификувана работна сила.
Премиерот Груевски пред присутните инвеститори на форумот посочи дека Владата е силно фокусирана кон подобрување на економијата. Тој истакна дека економскиот раст оваа година, во првите 6 месеци изнесува 4,1 отсто што е најголем раст во Европа.
– Минатата година ја завршивме со трет најголем раст во Европа, а вчера Европската Комисија објави извештај со кој известува дека според нивните анализи оваа година Македонија ќе ја заврши со втор најголем раст во Европа што е добар индикатор. Генерално Македонија води здрава и стабилна макроекономска политика. А во однос на бизнис климата би рекол дека Владата е целосно посветена кон креирање на добра бизнис клима и тоа е всушност нашата главна преокупација, изјави премиерот Груевски.
Тој додаде дека во таа насока се спроведоа многу реформи и мерки меѓу кои и проектот регулаторна гилотина каде илјадници бирократски процедури станаа пократки и поевтини или комбинација од ова, процес кој е спроведен со стопанските комори и во соработка со околу 300 компании од различни сектори.
Премиерот Груевски додаде дека е инвестирано во успешен и квалитетен електронски катастар, воведено е електронско плаќање на даноци, едношалтерски систем за царината и многу други работи кои креираат добри услови за водењето на бизнис во Македонија.