Ако дојдам во Србија нема да се занимавам со своето лекување, туку сите сили ќе ги насочам кон одмазда.
Ова го изјави лидерот на српските радикали, Воислав Шешељ, за кого Хашкиот трибунал синоќа донел одлука да биде пуштен на привремена слобода поради лекување.
Белградскиот весник „Блиц“ пишува дека Шешељ ваквите закани ги изнел пред српските дипломати во Хаг, додавајќи дека нема да прифати ничии гаранции, ниту било какви условувања. Единствено за што бил заинтересиран е тоа дека Трибуналот ќе го ослободи и пушти дома.
Советот на Хашкиот трибунал синоќа донел одлука Шешељ да биде пуштен на привремена слобода поради здравствени причини. Српската Влада повторно дала условни гаранции за пуштањето на Шешељ, со што одговорила на итното барање на судот во Хаг.
Привременото ослободување на Шешељ било образложено од страна на судот со неговата влошена здравствена состојба, за која минатата недела зборувале српските лекари кои го посетиле во Трибуналот.
На Воислав Шешељ му се суди за извршени злосторства против човештвото и кршење на законите и обичаите на војување во Хрватска и БиХ, но и за дела извршени во Војводина во периодот од 1991 до 1993 година.