Ивановски на министерска конференција во Брисел

Министерот за информатичко општество и администрација, Иво Ивановски, денеска учествуваше на министерската конференција на тема „Зајакнување на реформите на јавната администрација во процесот на проширување„ која се одржа во Брисел. Во рамките на попладневната сесија тој имаше обраќање на кое го претстави процесот на имплементација на реформите во оваа област во Република Македонија.

„Реформата на јавната администрација беше приоритет во агендата на македонската влада во претходните четири години, а тоа е приоритет и за наредните четири години. Примарна цел е да се создаде ефикасна, деполитизирана, транспарентна и услужно ориентирана администрација.„- рече во своето обраќање Ивановски.
Тој се осврна на административните закони усвоени минатата година, за кои рече дека беа подготвени во согласност со најдобрите практики на многу западни демократски земји, како и на Комисијата на ЕУ и ООН.

„Министерството за информатичко општество и администрација е во завршна фаза на подготовка на Каталогот на работни места. Ние ја завршивме првата фаза од новиот Систем за управување со човечки ресурси, кој ќе ни овозможи да го утврдиме бројот на сите вработени кои се опфатени со двата закони за администрација и до крајот на вториот квартал на 2015 година, ќе се знае точната бројка на вработени во кое било време.„- додаде Ивановски.

Brisel 2

Тој потсети дека сите услуги кои досега граѓаните ги добиваа на шалтер, во иднина ќе можат да ги добијат и по електронски пат, со што ќе се намалат турканиците пред шалтерите, а граѓаните ќе заштедат време и пари. На пример. е-пријава за новороденче, е-дозволи за странци, е-пријава при промена на адреса, е-аплицирање за пензиско осигурување, е-аплицирање за социјална помош или детски додаток, е-упис во градинка, во основно и средно како и на факултет – сите овие документи ќе можат да се добијат по електронски пат.

Инаку, на конференцијата во Брисел свое обраќање имаше и еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан. За време на престојот во Брисел, министерот Ивановски оствари бројни контакти и разговори со министри од регионот задолжени за администрацијата, како и со претставници на заедничката иницијатива на Организацијата за економска соработка и развој и Европската Унија „СИГМА“. На конференцијата беа споделени искуства за успешните административни реформи во Естонија, како и за текот на нивното спроведување во Турција и Србија.