
Коридорот 8 претставува еден од стратешките приоритети во транспортната инфаструктура за следниот среднорочен период и во таа насока планираме да вложиме сериозен износ средства, изјави денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.
Според него, со вчерашната објава од Европската банка за обнова и развој дека се одобрени 145 милиони евра за втората фаза од пругата кон Бугарија, од Белјаковце до Крива Паланка, се обезбедени средства и реализацијата на пругата ќе продолжи непречено.
– Тоа ќе претставува главната алтернативна опција за транспортот во однос на постоечкиот Коридор 10. Очекувам во следниот период исто така да се интензивира и градбата на патот од Кичево до Охрид и Струга и источниот автопат од Скопје до Штип, така што во целина и Коридорот 8 и краците на Коридорот 8 ќе бидат во фокусот на Владата за следните три-четири години и ќе има сериозни инвестици во тој дел, рече Ставрески, по потпишувањето на договорот за проектот за модернизација на патарините долж Коридорот 10.