
Градот Скопје е подготвен за одржување на магистралните и на собирните улици на подрачјето на Скопје, во зимски услови. За чистење на снежните наноси од коловозите Градот оваа сезона располага со 30 возила и со доволно количество сол.
Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и директорот на ЈП „Улици и патишта“, Синиша Ивановски, денеска го посетија пунктот на ова јавно претпријатие во Кисела Вода каде што се стационирани возилата за расчистување на снегот.
– Од утре, 15 ноември, Градот Скопје почнува со зимско одржување на градските сообраќајници. Зимската служба 2014/2015 година ќе трае до 15 март 2015 година, со можност за продолжување доколку се неповолни временските услови. Градот Скопје и годинава е подготвен за расчистување на снежните наноси од коловозите. Наша задача ќе биде брзо и ефикасно да го расчистиме снегот од градските улици и да овозможиме непречено и безбедно одвивање на сообраќајот и движење на пешаците. Кризниот штаб на зимската служба веќе почна со работа. Во него членуваат претставници од Градот Скопје, од јавните градски претпријатија, од десетте скопски општини, од Министерството за внатрешни работи и од Државниот инспекторат за патишта. Градот Скопје за претстојната зима има на располагање 2.300 тони индустриска сол како залиха од лани, како и дополнителни 1.500 тони набавени од компанијата „КИЕМ“. Што се однесува до потребните возила за расчистување на снегот зимската служба ќе ги користи возилата на ЈП „Улици и патишта“, како и возилата што дополнително се ангажирани од приватна фирма. Екипите на зимската служба дежураат во текот на 24 часа, на две локации, во пунктот на ЈП „Улици и патишта“ во Кисела Вода и во пунктот во Бутел – рече денеска градоначалникот Трајановски.
Трајановски додаде дека од оваа зима, новина во одржувањето на градските улици ќе биде апликацијата на средството Калциуммагнезиумацетат (KMA) за да се намали загадувањето на амбиентниот воздух од ПМ10 честичките.
– Досега се пристигнати 7.000 литри од ова средство. Испораката на средството ќе се врши во согласност со потребите. Средството е набавено од најповолниот понудувач на јавниот повик што го објавивме, „Алкалоид” АД Скопје. За набавка на средството Градот Скопје ќе вложи околу 3 милиони денари (со ДДВ). Сакам да нагласам дека во активностите за зимско одржување на градските улици се вклучени и другите јавни претпријатија и тоа: ЈП „Комунална хигиена“ ќе го расчистува снегот на пристапите до контејнерите, ќе ги расчистува пешачките зони, улиците во Старата скопска чаршија и пешачките пристапи до објектите од витално значење; ЈП „Водовод и канализација“ ќе ја оспособува атмосферската канализација и сливниците за прием на поголемо количество вода; ЈП „Паркови и зеленило“ ќе го отстранува снегот од пристапните патеки во парковите, ќе ги заштитува дрвјата од кршење под тежината на снежните наноси и ќе отстранува паднати дрвја и гранки од коловозите, а ЈСП „Скопје“ ќе го расчистува снегот и мразот од автобуските постојки – објасни градоначалникот Коце Трајановски.
Градот Скопје апелира до сите стопански субјекти во градот и до сите граѓани, кога ќе падне снег, да ги почитуваат законските обврски и да го расчистуваат снегот и мразот од пристапите до нивните деловни, односно станбени објекти.